Германија привремено се повлекува од поморската мисија на ЕУ во Медитеранот

Германија привремено се повлекува од операцијата „Софија“, поморската мисија на Европската унија чијашто задача е да се сузбие трговијата со луѓето на Медитеранот поттикната од масовните приливи на мигранти изминатите години, а од Берлин ја образложија одлуката со негативните ставови во однос на истоварувањето на илегалните имигранти во Италија, пренесува во вторникот агенцијата DPA.

Германија нема да испрати нови пловила во близина на брегот на Либија наместо фрегатата „Augsburg“, следниот месец, изјавил највисокиот германски офицер, главниот инспектор на Бундесверот, Еберхард Цорн, пред членовите на парламентарните комисии за одбрана и за надворешни работи.

Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, остро реагираше. „Мандатот на операцијата ‘Софија’ беше едноставно да се истоваруваат сите имигранти во Италија“, рече. „Околу 50.000 луѓе пристигнаа во Италија како резултат на оваа операција“, додаде Салвини и порача дека „Доколку некој се повлече од операцијата, тоа сигурно не е наш проблем“.

Фрегатата „Augsburg“ требаше да ја замени пловилото за снабдување со називот „Berlin“, коешто ќе остане во состојба на приправност и може да биде испратено во водите на Медитеранот во рок од 14 дена, доколку биде променета германската одлука.

И покрај тоа што операцијата „Софија“ беше покрената во 2015 година со цел да се апсат криумчарите на луѓе, во практиката главно стануваше збор за собирање на илегалните имигранти од бродовите несоодветни за пловење, и покрај несигурноста по прашањето на местото на истоварување на имигрантите. Дел од операцијата, исто така, беше обучување на либиската крајбрежна стража и спроведување на ембаргото на оружје за државите во кои има чессти судири.

Според информациите коишто ги добила германската новинска агенција DPA, несогласувањето на италијанската влада за истоварување на имигрантите на италијанска територија стои во заднината на одлуката на Берлин.

Германската опозиција ја критикуваше оваа одлука. Штефан Лебик, портпарол за надворешни работи на партијата Левица (Die Linke) оцени дека оваа ситуација претставува трагедија. „Сѐ додека операцијата ‘Софија’ не биде заменета со цивилна мисија, сѐ повеќе луѓе ќе се дават“, рече.

Илјадници имигранти секоја година во гумени чамци и дотраени бродови се упатуваат на далечниот пат во обидите да дојдат до бреговите на јужна Европа. Поради тоа поморските мисии мора да ги спасуваат луѓето од бродовите кои тонат. Бродовите кои пловат во оваа мисија имаат овластувања да ги запрат и пребараат бродовите кои пловат во меѓународните води. Пловилата може да бидат запленети или пренасочени, а осомничените да бидат приведени и предадени на земја членка на ЕУ,

Германските вооружени сили тврдат дека операцијата „Софија“ од својот почеток довела до апсење на над 140 лица осомничени за криумчарење луѓе од страна на италијанските власти. Исто така, над 400 пловила кои ги користеле криумчарите биле уништени.

Операцијата „Софија“ го доби името по сомалискот девојченце коешто е родено на германската фрегата „Schleswug-Holstein“ во август 2015 година. Поморската мисија во декември беше продолжена за следните три месеца, и нејзиниот мандат завршува кон крајот на март.