Германија се подготвува за економска криза

Светската економија ја очекуваат мрачни денови, додека најголемата европска економија за влакно избегна рецесија, Германија се подготвува за најлошите сценарија, а многу економски експерти предупредуваат оти глобалниот банкарски систем не е подготвен за нова голема криза

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) има функција на светска метеоролошка станица за економијата што внимателно ги регистрира дури и најмалите нарушувања на светската економска сцена. А во изминатите недели, аналитичарите на ММФ открија дека полека доаѓа бура. Неговите експерти внимателно го регистрираат секој импулс, а тие деновиве заклучија дека предвидувањата се доста црни. Дејвид Липтон, првиот заменик-директор на ММФ, неодамна изјави во Лондон дека „забележал темни облаци“ и притоа додаде дека светскиот банкарски систем не е подготвен за уште една криза и дека „не се завршени подготовките за неа“.

Економските прогнози се влошуваат речиси од недела на недела. Општиот консензус меѓу економските експерти покажа дека 2019 година ќе биде полоша од лани за сите водечки економии во светот. Вредноста на акциите на светските берзи уште од лани почна да паѓа.

Ризиците по светската економија, еврозоната и Германија значително се зголемија во изминатите неколку месеци. Построгата американска монетарна политика и тоа што Федералните резерви повторно ги зголемија каматните стапки во декември создаваат тешкотии за економиите во подем, земајќи ги предвид нивните големи долгови, особено оние во долари. Како што се зголемуваат каматните стапки, така растат и средствата што тие мора да ги резервираат за го намират долгот. Трговските конфликти што ги предизвика американскиот претседател Доналд Трамп не ѝ одат во корист на економската клима.

Во Европа може истовремено да избијат неколку кризи во 2019 година и дополнително да го нарушат економскиот развој. Сè уште не е јасно дали ќе има брегзит со или без договор, но со сигурност ќе биде проблем за британската и европската економија, со тоа што ќе ги уништи воспоставените производствени структури што бараат скапи мерки за приспособување во компаниите и ќе предизвика проблеми за потрошувачите. Исто така актуелен е и навидум авантуристичкиот пристап на италијанската влада кон економската политика, што може да предизвика нова криза со еврото.

За извозно ориентираната германска економија, ваквиот повеќестран ризик не носи никаква предност. Во декември, економските експертски групи драматично ги променија своите предвидувања за новата година.

Наместо пораст од околу два отсто, повеќето од нив сега очекуваат пораст од околу 1,5 отсто. Институтот за економско истражување во Минхен (ИФО) има најлоши прогнози, со тоа што предвидува само 1,1 отсто пораст во 2019 година.

Падот на извозот на автомобили е една од главните причини за општиот економски пад на Германија

Германската влада исто така значително ги намали своите очекувања за порастот во 2019 година во својот годишен економски извештај што треба да биде објавен на крајот од јануари. Актуелно изгледа предвидувањето за порастот дека би изнесувал најмногу 1,5 отсто и можеби дури пониско од тоа. Само пред неколку месеци, есента 2018 година, германското министерство за економија предвиде годишна стапка на пораст од 1,8 отсто.

Ваквите промени се чести. На крајот на 2017 година, предвидувањата слично се променија, но во друга насока. Сега се чини дека кризата е пред вратите и многумина се прашуваат дали по девет години непрекинат пораст ќе следува рецесија. Искуството покажува дека секој економски бум завршува, само не се знае кога.

Шефот на австриската централна банка, Евалд Новотни, неодамна изјави за германскиот економски весник „Ханделсблат“ дека „најмногу е загрижен за Германија“ и истакна дека повеќето предвидувања вклучуваат големо намалување на германскиот економски пораст. Првпат по многу години, економските резултати на Германија се намалија во третиот квартал во однос на вториот, што генерално се должеше на драстичен пад во извозот, пред сè во продажбата на автомобили. „Фолксваген“, „Дајмлер“ и „БМВ“ се соочуваат со тешкотии во приспособувањето на новите стандарди за емисии, а нискиот водостој на Рајна беше причината за проблемите во испораката. Важни делови од Северна Рајна-Вестфалија не можеа да стигнат до нивните дестинации.

Последните податоци покажуваат дека Германија за влакно избегнала рецесија, и тоа само зашто имало еден работен ден повеќе во 2018 година во однос на 2017 година, кој ја одржал економијата за 0,1 отсто над прагот на техничка рецесија. По дефиниција, два последователни квартали на негативен пораст би значеле дека Германија веќе е во рецесија. Повеќето експерти нагласуваат дека е тоа само таканаречена „техничка“ рецесија, во која БДП можеби статистички се намалува без да има последици, бидејќи економијата веднаш ќе почне да се зголемува. Најголемите оптимисти велат дека нема да има проблеми. Движечките сили остануваат непроменети. Оваа година, особено се очекува домашната побарувачка да помогне во порастот на економијата. Брзески предвидува дека „потрошувачката треба да се зголеми, затоа што вработувањата исто така ќе продолжат да растат во наредната година, а многу работници ќе добијат покачувања на платите“.

Компаниите исто така повеќе ќе вложуваат оваа година. Многу од нив работат речиси со полн производствен капацитет и, покрај неизвесноста, планираат да го прошират производството. Владата исто така помага за да се стабилизира побарувачката. На почетокот на годината се забележа значително намалување на даноците и на давачките во однос на приходите во вредност од 15 милијарди евра. Федералните и сојузните власти исто така планираат да потрошат повеќе пари на јавни градежни проекти, улици и железнички линии.

Ако вредноста на еврото во однос на доларот продолжи да опаѓа, тогаш економијата би можела да добие дополнителен стимул од извозот, кој е стандарден двигател на порастот во Германија.

Ако се случи сето ова, тогаш ќе се забележи подобрување. Економските експерти одлично си ја вршат работата кога треба да ги објаснат состојбите што веќе се случиле. Тие можат да објаснат зошто се случи финансиска криза во 2008 година или зошто економијата крахира во 1975 година. Сепак, тие тешко предвидуваат кога можат да се случат такви економски шокови.

Институтот за макроекономска политика (ИМК) во рамките на фондацијата „Ханс Беклер“, кој е поврзан со сојузот на трговски синдикати на Германија, најде еден систем за рано предупредување во економијата. Истражувачите внесуваа разни податоци за да одредат колкави се шансите за рецесија во наредните три месеци, потоа ги презентираа резултатите преку пример на семафор, па, така, зеленото претставува економски бум, а црвеното рецесија.

Во моментов, светлото на семафорот е зелено-жолто, што значи „просечно подобрување на порастот“, според експертите од ИМК. Основната динамика на економијата, како што тврдат тие, останува иста. Истовремено, тие истакнуваат дека растат економските ризици. Ова се гледа од шансите за рецесија пресметани според ИМК. Во изминатите три месеци, ризикот од рецесија се зголемил речиси четирикратно. Во октомври шансите изнесувале околу шест отсто. Во ноември пораснале на 15 отсто, а во декември над 23 отсто.

Несомнено е дека расте опасноста и дека ова се случува во еден од најлошите моменти. Липтон од ММФ не е единствениот што е загрижен дека владите и централните банки не се доволно подготвени за криза.

Многу држави сè уште се справуваат со последиците од последната финансиска криза. Јавниот долг на Франција и на САД изнесува околу 100 отсто од нивниот БДП. Ако се случи нова криза, владите на многу држави едвај ќе имаат финансиски простор да воведат спасувачки програми или даночни намалувања.

Состојбата не е особено розова кога станува збор и за централните банки. Други долгорочни последици од финансиската криза се што многу од државите сè уште ги немаат зголемено своите каматни стапки до ниво што порано се сметаше за нормално за економска состојба слична како денешната. Европската централна банка (ЕЦБ) не можеше така да постапи затоа што ќе мораше да се залага за инфлациска стапка што веќе беше многу под граничните два отсто од предвидените. Денес, главната стапка останува на нула, а претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, предвидува нејзино најрано зголемување наесен.

На ЕЦБ ѝ недостигаат и други алатки. Покрај стабилниот нагорен тренд во изминатите години, ЕЦБ продолжи да ги преплавува пазарите со милијарди во ликвидност секој месец со нејзината програма за купување обврзници. Токму на крајот на декември, претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, го суспендира овој процес.

Доколку економијата повторно почне да паѓа во криза, намалувањето на веќе непостојните каматни стапки не постои повеќе како опција. Ова значи дека враќањето на програмата за купување обврзници е единствениот начин за ЕЦБ да внесе пари во економијата како дел од стимулирачкиот пакет, доколку тоа стане неопходно. Германскиот министер за финансии Олаф Шолц од редовите на социјалдемократите, одблизу ја следеше неспособноста на ЕЦБ. Тој заедно со други високи претставници од Министерството за финансии на Германија верува дека ако ЕЦБ нема традиционални инструменти кога ќе се случи следната рецесија, владите ќе мора да најдат решение за проблемот.

Тој долго време го оправдуваше инсистирањето на германската влада да одржува буџетски баланс и да ги отплаќа долговите и притоа изјавуваше дека се работи за мерки за претпазливост во период на економски тешкотии. Тој порача дека „во наредната криза треба да се обезбеди простор за контрамерки“.

Германија навистина се вбројува меѓу малкуте држави што ги осигурија државните финансии до таков степен што не треба многу да се грижат за прекумерно позајмување во следната рецесија. Годинава оптоварувањето од јавниот долг на Германија, првпат по 2002 година, ќе падне под планираното ниво од 60 отсто од БДП според правилата на еврозоната.

Со други зборови, федералните и сојузните влади на Германија се доволно силни за да се справат со следната криза. Балансираниот буџет најверојатно ќе замине во историјата поради дефицитот од даночните приходи и високите трошоци за социјална помош што ќе се јават како резултат на тоа. Но Министерството за финансии, сепак, ќе најде доволно простор за трошоците да ја стабилизираат економијата.

Министерството на овој начин тајно работи на план за вонредни ситуации за да биде однапред подготвено. Главниот фокус во овој план се даночните кратења, со тоа што омилените инструменти се подарежливи во отпишувањето на долговите на компаниите. Споредено со посложените инвестициски програми, многу се побрзи ефектите од таквите намалувања. Ако компаниите можат веднаш да ги отпишат аквизициите, како што се машините, објектите или структурите, тогаш поголеми се шансите да инвестираат во нив. Ваквите инвестиции служат за да ги ублажат или спречат економските кризи.

Претставниците од Министерството за финансии планираат дополнителен стимул од намалувањето на данокот на доход. Ова исто така е потег од кој корист ќе имаат повеќето компании во Германија, бидејќи 80 отсто од корпорациите во државата корпоративниот данок го плаќаат преку инструментот на данокот на доход. Покрај тоа, потегот ќе значи дека работниците ќе имаат повеќе пари, што ќе доведе до поголема потрошувачка и дополнителен стабилизирачки ефект за германската економија. Во зависност од сериозноста на можната рецесија, Министерството за финансии предвидува даночни кратења вредни меѓу 17 и 35 милијарди евра.

Шолц и неговиот претходник Волфганг Шојбле одамна ги отфрлија даночните кратења поради тврдењето дека на тој начин се ризикува да се прегрее и онака солидната економија. Економистите стравуваат од таквиот развој на настаните, затоа што неконтролираниот пораст ги извртува економските структури и ја влошува кризата што следува. Но со бавното опаѓање на порастот, овој аргумент повеќе не важи. Всушност, дури и ако состојбата не е особено сјајна, Германците ќе ги добијат даночните кратења на кои се надеваа со години.