Германија ѝ се заканува на Унгарија со стопирање на средства од ЕУ поради бегалците

Европската унија би требала да ѝ ги ускрати парите на Унгарија доколку нејзината влада и натаму одбива да учествува во шемата на Унијата за распределба на бегалците, изјави во саботата германскиот министер за правда Хеико Мас.

„Мораме да го зголемиме притисокот врз земјите коишто мислат дека можат да го заобиколат законот. Кога законот ќе се прекрши, мора да следат санкции“, порача германскиот министер за правосудство Хеико Мас.

Унгарија заедно со Словачка на Европскиот суд на правдата (ECJ) се побиде да ги оспори задолжителните квоти на Европската унија за распределба на 120.000 бегалци од Италија и од Грција ширум земјите членки на Унијата. Судот во средата застана на страната на ЕУ. Меѓутоа, унгарскиот премиер Виктор Орбан во петокот повтори дека Будимпешта нема да го промени ставот и најави нови тужби.

Според оваа одлука, земјите членки на ЕУ мора да прифатат свој дел од имигрантите кои пристигнале во земјите на ЕУ – Италија и Грција, но одлуката на судот повторно го актуелизира спорот меѓу западните и источните членки и ја поткопа кохезијата на Унијата.

Мас додаде дека непочитувањето на одликата на судот би требало да има финансиски последици.

„Кој и да е оди против европската кохезија во прашањето на бегалците не може да смета на европската солидарност во финансиските прашања“, додаде Мас, кој е министер од редовите на Социјалдемократската партија на Германија (SPD).

Унгарија според планот усвоен во 2015 година, за кој не гласаше заедно со другите земји од ткн Вишеградска група – Словачка, Чешка и Полска, треба да прими 1.294 бегалци, а досега не згрижиле ниеден.

Досега се релоцирани само 27.695 бегалци од Италија и од Грција, што укажува дека проблемот со бегалците во ЕУ не го предизвикуваат само споменатите четири земји.