Германија уште го поддржува градењето на Северен тек 2 и покрај новата руско-украинска криза

78

Германија и натаму е доследна во градењето на гасоводот Северен тек 2, со кој гасот во Европа испорачуван од Русија ќе ја заобиколи Украина по неколкуте ткн „гасни војни“ последната деценија меѓу двете земји, и покрај јакнењето на тензиите во регионот, изјави во средата портпаролот на германската влада во Берлин.

САД и друг земји ги засилија критиките за овој енергетски проект, откако Русија заплени три воени украински брода во неделата во Керчкиот канал. Критичарите истакнуваат дека со градењето на овој гасовод Германија и Европа ќе станеле премногу зависни од руските енергенси. Истовремено, тоа ќе и’ скрати многу средства коишто Украина ги добива од транзитот на гасот, во период кога нејзината економија е во длабока криза, и поради бунтот на југоисточните рускојазични региони каде што се големите рудни ресурси.

„Ги земав предвид овие критики, но ништо не се промени кога станува збор за нашиот темелен поглед на Северен тек 2, кој е економски проект“, изјави портпаролот на германската влада Штефан Зајберт. Додаде дека Германија се’ уште сака да ја обезбеди позицијата на Украина како транзитна земја за пренос на гасот од Русија во Европа.

Претходно украинскиот амбасадор во Берлин рече дека градењето на Сверен тек 2 треба да биде ставено „на чекање“. Германски владини претставници потоа рекоа дека канцеларката Ангела Меркел ќе разговара за тензиите во Украина со рускиот претседател Владимир Путин и со американскиот претседател Доналд Трамп на маргините од самитот на Г20 во сабота во Буенос Аирес.

САД бараат европските сојузници да разгледаат воведување нови санкции против Русија, за да ја казнат поради запленувањето на украинските пловила, за што Москва тврди дека ги нарушиле меѓународните конвеции за територијалните води и не се одѕивале на руските предупредувања. Западот стравува дека овој инцидент може да поттикне поширок судир.

Меѓутоа, портпаролот на германското министерство за надворешни работи рече дека дебатата за новите санкции е преуранета. „Тоа е правен инструмент кој има последици за оние кои се погодени од санкциите, што значи дека мора внимателно да ги разгледата и расправате за воведување на санкциите“, рече портпаролот.

Проектот Северен тек 2 вклучува изградба на две траси на гасоводот, со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри гас годишно, од Русија во Германија преку Балтичкото Море. Трасата е идентична како и постојниот гасовод Северен тек, со кој управува компанијата „Nord Stream“.

Претходно беше планирано „Газпром“ во заедничкиот проект Северен тек 2 во компанијата којашто би го реализирала проектот да има 50 отсто удел, додека остатокот од по 10 отсто да им припадне на компаниите „Uniper“ (поранешен E.ON), BASF/Wintershall, Shell, OMV и ENGIE. Меѓутоа, партнерите се откажаа откако се појавија проблемите со полската агенција за антимонопол.

Полска, Латвија и Литванија се противат на градењето на Северен тек 2 стравувајќи дека преку Германија ќе има преголем удел на рускиот гас на нејзиниот пазар и нивните челници се убедени дека станува збор за политички проект. Полска, исто така, изјави дека плановите за изградба на уште еден гасовод кој би ги поврзувал Русија и Германија, ткн Северен тек 2, не се економски мотивирани, туку имаат политички причини.

Уште неколку држави од средна и источна Европа пред повеќе од една година му пишаа протесно писмо на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, сметајќи дека овој гасовод не е во согласност со европското енергетско законодавство и стратешките цели. САД коишто имаа сериозни амбиции својот природен гас да го извезуваат во Европа, пак, овој проект го сметаа за „давање ветер в грбот“ на европската зависност од рускиот гас.

Во декември 2015-та Италија се обиде да го блокира продолжувањето на санкциите на ЕУ против Русија поради украинската криза и истапи противи изградбата на рускиот гасовод Северен тек-2, кој го форсира и делумно финансира Германија, откако Европската комисија со своите активности всушност предизвика Москва да се повлече од проектот Јужен тек, со кој со природен гас требаше да се снабдува и Италија. Тогашниот премиер Матео Ренци отворено ја обвини Унијата за „двојни стандарди“.

Од друга страна, пак, Германија го поддржува проектот Северен тек 2, како и австриската компанија OMV која оцени дека е овој гасовод е многу важен за европската енергетска безбедност, бидејќи алтернативното снабдување со гасот низ Украина, која е исполитизирана со затегнатите руско-украински односи и во минатото доведе до три ткн „гасни војни“ со што беа оштетени корисниците во Европа.

Според достапните информации, снабдувањето преку Северен тек во 2015 година изнесувало 39 милијарди кубни метри гас, или 70 отсто од проектираните капацитети на гасоводот.

Почетокот на функционирањето на гасоводот Северен тек -2 (Nord Stream 2 AG) е предвиден за крајот на 2019 година. Тој ќе минува по дното од Балтичкото Море од рускиот брег до брегот на Германија. Капацитетот на секоја од овие две маршрути е 27,5 милијарди кубни метри гаса годишно. Капиталните расходи за проектот се проценуваат на 8 милијарди евра, а вкупните трошоци врз основа на привлекување на финансиите за проектот се процените на 9,9 милијарди евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.