Германија води истрага за 180 повратници од редовите на ИД во Сирија

Властите во Германија водат истрага за 180 лица кои се вратиле од Сирија, а за кои постои сомнение дека се дел од вооружените групи предводени од Исламска држава.

Еден ден откако тројца Сиријци беа уапсени под сомнение дека подготувале терористички напад во Германија Министерството за правда објави дека води 120 истраги за 180 лица, кои членуваат или поддржуваат терористички групи.

Според портпаролот на Министерството за правда, се уште, е рано да се извлечат заклучоци во врска со заканите за терористички напади, но безбедносните закани остануваат на високо ниво.

Паралелно со информациите за можни терористички напади се разгорува и дебатата за поврзаноста на бегалците со тероризмот откако дел од германските медиуми објавија дека тројцата уапсени Сиријци биле регистрирани во центар за барање азил.

Претседателот на германскиот полициски синдикат Рајнер Вент предупредува да не се ставаат сите мигранти под сомнеж за тероризам.

-Уште од нападите во Париз и Брисел знаеме дека ИД сака да ја поттикне дебатата за бегалците и да го зголеми анимозитетот кон нив. Тоа е дел од нивната стратегија и затоа не смееме да паднеме во нивната стапица, изјави Вент, пренесува МИА.