Германската амбасада и британската влада ја поздравија ратификацијата на Договорот за името

613

Германската амбасада во Скопје и британската влада во петокот упатија честитки до премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за постигнувањето на, како што оценуваат, историскиот Договор за прашањето за името, како и за неговата ратификација во македонското Собрание.

„Договорот за ова долгогодишно прашање е значајно постигнување, кое немаше да биде можно без лидерството, посветеноста и политичката храброст од страна на двајцата премиери и на министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас поддржани од специјалниот посредник на ОН, Метју Нимиц“, стои во соопштението.

Решавањето на спорот за името, се додава, промовира заедничка европска иднина и ќе донесе значајни можности за двете земји и во регионот, вклучувајќи и зголемен просперитет и безбедност. Тоа исто така, се наведува, ќе го отвори и евроатлантскиот пат што повеќе претходни влади во Скопје го имаа за своја цел.

„Ја поздравуваме ратификацијата на Договорот од страна на парламентот вчера и нудиме на двете земји целосна поддршка и ги повикуваме сите лидери, политички партии и граѓани во двете земји да ги препознаат придобивките од решавањето на долгогодишниот спор“, стои во соопштението од амбасадата на Германија во Скопје.

Претходно во петокот и владата на Обединетото Кралство упати честитки до премиерите на Македонија и на Грција, за постигнувањето на договорот за името кој беше потпишан на 17-ти јуни, како и за неговата ратификација во македонското Собрание, соопштуваат од британската амбасада во Скопје.

Британија, како што посочуваат од амбасадата, смета дека решавањето на прашањето за името ќе го отвори евро-атлантскиот пат, вклучително и преговори за членство во ЕУ и НАТО. Ќе се отворат, се додава, и значајни можности за двете земји и пошироко за регионот, преку зајакната безбедност и просперитет.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.