Германската пошта ја укинува услугата за телеграми

Германската државна пошта (Deutsche Post) од почетокот на следната година ја укинува услугата за телеграми, соопшти концернот во четвртокот.

„Во последниот период приватните корисници повеќе речиси и не ја користеа оваа услуга, затоа се одлучивме за укинување“, сооопшти Германската пошта.

Телеграмите во последниот период биле користени исклучиво за испраќање опомени поради неплатени сметки или компаниите ги испраќале на своите вработени по повод јубилејните годишнини од вработувањето, се додава во соопштението.

И покрај губењето на важноста поради другите можности за испраќање пораки коишто последните години стануваа сѐ побројни, услугата за телеграми во Германија до крајот остана доста скапа. Така, за обична телеграма до 160 знаци требаше да се плати 12,57 евра, додека за пригодна телеграма честитка чинеше 21,98 евра.

Кон крајот на декември започнува и демонтирањето на телефонските говорници ширум Германија. Последната телефонска говорница би требало да биде отстранета во 2035 година.