Германската влада ги критикува протестите на еколошките активисти

Германската влада ги критикува протестите на климатските активисти кои со блокадите на сообраќајниците ги загрозуваат другите луѓе, изјави во петокот владиниот портпарол Волфганг Бухнер.

„Германскиот канцелар ја поддржува секоја форма на демократски ангажман и тоа се однесува на протестите на темата заштита на климата. Но за сите важната тема за заштита на климата мора да дејствува како фактор кој обединува и не смее да ги минува границите на она што е дозволено според законите“, рече Бухнер.

Владиниот портпарол одби директно да го поврзе смртниот случај на една во сообраќај настрадана велосипедка и блокада на сообраќајница во Берлин на почетокот од седмицата зад која стојат еколошките активисти од движењето Letzte Generation (Последното поколение).

Во текот на протестот возилото на итната медицинска помош, поради блокадата, не успеало да дојде до местото на несреќата во која мешалка за бетон прегазила 44-годишна жена која возела велосипед.

„Овој случај е предмет на истрага и не сакам да го доведувам во поврзаност со протестите“, рече Бухнер и истовремено истакна дека протестите не смеат да ги загрозуваат другите граѓани.

Климатските активисти од „Последното поколение“, кои стојат и зад акциите за валкање на уметничките дела во музеите, ги отфрли обвинувањата и тврди дека медицинското возило кое требало да помогне на местото на несреќата не дошло навреме затоа што возачот во блокадата не формирале слободна ткн „спасувачка лента“, преку која во случај на застој во сообраќајот минуваат возилата на итните служби и на полицијата.

Активистите, исто така, остро ги критикуваат медиумските известувања за нивните протести. Во критиката на еколошките активисти особено се истакнува тиражниот таблоид Bild.

Еколошките активисти со седмици изведуваат акции на блокирање на главните сообраќајници во Берлин, меѓу другото, залепувајќи се себеси со специјален лепак за коловозот и за сообраќајните знаци, со што сакаат да ја искажат, како што тврдат, потребата од забрзување на мерките за заштита на климата.