Германската влада потврди испорака 14 тенкови во Украина

Германската влада во средата и официјално ја потврди испораката на една чета, односно 14 тенкови „Leopard 2“ во Украина директно од резервите на Бундесверот и издавање дозволи за испораки на таквите тенкови кои се наоѓаат во составот на војските  на други земји, соопшти владата во Берлин,

„Германија на Украина ќе ѝ испорача 14 тенкови Leopard 2, а истовремено ќе дозволи испорака на Leopard-ите од други земји за Украина“, соопшти портпаролот на германската влада Штефан Хебезстрајт истакнувајќи дека на владината седница таквата одлука ја искажал канцеларот Олаф Шолц.

„Оваа одлука ја следи нашата линија на поддршка на Украина и ние и натаму дејствуваме во тесната меѓународна соработка“, рекол Шолц според соопштението.

Се очекува дека канцеларот Шолц попладне на седницата на парламентот Бундестагот и официјално ќе ја потврди одлуката за испораката на тенковите „Leopard 2“, како и одобрувањето за другите земји да ѝ ги испорачуваат на Украина.

Германските политичари од етаблираните партии, главно ја поздравија одлуката за испорака на тенковите „Leopard 2A6“ на Украина, а ја критикуваа партиите од левицата и десницата кои потсетуваат на мрачното минато на Германија од Втората светска војна која германските тенкови во истата област во која сега се испраќаат сееле смрт.

„На одлуката долго чекавме предолго, донесена е макотрпно но на крајот е неизбежна“, изјави претседателката на Комисијата за одбрана на Бундестагот, Мари-Агнес Штрак-Цимерман.

Политичарката од партијата на Слободните демократи (FDP), најмал коалициски партнер во владата со Социјалдемократската партија на Германија (SPD) на канцеларот Олаф Шолц и Зелените, рече дека веста за испораките на тенковите е „спасоносна вест за храбриот народ на Украина“.

Потпретседателката на Бундестагот и челничка на сѐ повеќе радикалната партија Зелени, Катрин Геринг Екард преку Twitter порача „Леопардот е слободен“.

Најголемата опозициска партија во Бундестагот, Унијата на Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија (CDU/CSU) ја поздрави одлуката за испораката на тенковите во Украина. Челникот на CDU, Фридрих Мерц истовремено го критикуваше одолговлекувањето на канцеларот Шолц во носењето на оваа одлука.

„Поради тоа што толку долго чекаше со одлуката, канцеларот Шолц дава впечаток на некој кој бил натеран на оваа одлука“, изјави Мерц.

Претставниците на опозициските партии Левица (Die Linke) и антисистемската и противодселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), ја критикуваа оваа одлука како „опасна“ и „неодговорна“ но и како „ограбување“ на германската армија којашто инаку располага само со до 400 оперативни вакви тенкови со неколку модификации.

Според информацијата која во средара ја објави весникот Spiegel, кој се повикува на доверлив документ на германското Министерство за одбрана, Бундесверот во моментов има 212 функционални тенкови „Leopard“ од моделите 1А5, 2А6, 2А7 и најсовремените со ознаката 2А7V во количество од 53 единици.

Со снабдувањето на тенковите во Украина, канцеларот Шолц „ќе ја ограби сопствената армија“ и „ризикува вовлекување во војната“, изјави претседателот на AfD, Тино Хрупала.

„Германија се изложува на опасноста од директно вовлекување во војната“, изјави Хрупала критикувајќи го „грабежот“ на Бундесверот од страна на канцеларот на Шолц кој со овој потег „ја загрозува безбедноста на Германија и нејзините граѓани“, како и дека придонесува „натамошно слабеење на Бундесверот“.

Претседателот на пратеничката група на Левица, Дитмар Бартиш, исто така, ја истакна опасноста од оваа одлука.

„Со испораките на Leopard-ите паѓа уште едно табу во надворешната политика на Германија и овој потег потенцијално повеќе нѐ приближува до Третата светска војна отколку кон мирот во Европа“, рече Бартш.

Подржувачите на Левица и Алтернатива се главно противници на ангажирањето на Германија во руско-украинската војна, како и на западните санкции против Русија.

Изминатиот период објавените истражувања на јавното мнение покажаа повторно дека мнозинството Германци не го поддржуваат предавањето на какви и да се борбени возила на Украина и сметаат дека нивната земја сторила доволно. Минатиот викенд беше објавено истражување на DPA во кое од вкупно 2.025 испитаници, 43 отсто било против испораките а само 39 отсто биле „за“. Дури 49 отсто од Германците сметаат дека е погрешна одлуката на владата во Берлин да ѝ ги испорача на Украина пешадиските борбени возила „Marder“, покажува пред две седмици објавената анкета во весникот Bild. Истовремено, одлуката ја поддржале 40 отсто од испитаниците. Според истото истражување, 38 отсто од Германците веруваат дека Германија треба да испорача тешки борбени тенкови на Украина, додека против се 50 отсто од испитаниците.