Германската влада предлага намалување на Бундестагот, опозицијата против

Коалициската влада постигна договор за реформа на германскиот изборен законик со кој бројот на пратениците во Бундестагот би се ограничил на 630 мандати, потврдија претставниците на сојузната влада во понеделникот.

„Наместо сегашните 726 пратеници во иднина Бундестагот би требало да има најмногу 630 членови“, произлегува од нацрт-законот за кој оваа седмица треба да се гласа во германскиот парламент.

Реформата се темели на пресудата на Уставниот суд од 2008 година во којашто од владата се барани промени на изборното право со коешто би се спречило трупањето на таканаречените дополнителни мандати.

Дополнителните мандати се случуваат кога една партија ќе добие повеќе директни мандати отколку што според гласовите кои ги освоила партијата ѝ припаѓаат. На парламентарните избори во Германија избирачите даваат два гласа: еден за кандидат и еден за партија.

На последните избори во 2021 година бројот на пратениците на Буднестагот се зголеми на рекордните 736. По изборите во 2013 година бројот на пратениците сѐ уште изнесуваше 631. Реформата предвидува ограничување на дополнителните мандати на 32.

Своето незадоволство од нацртот за изборниот закон го најавија помалите партии во Бундестагот, во прв ред Христијанско-социјалната унија (CSU), којашто во Бундестагот ги претставува демохристијаните само од сојузната покраина Баварија, каде што настапува самостојно а во остатокот од земјата ја застапува сестринската Христијанско-демократската унија (CDU). Се противи и партија Левица (Die Linke), која произлезе од некогашната социјалистичка партија во Источна Германија и којашто во актуелниот состав на Бундестагот влезе исклучиво благодарејќи на дополнителните мандати.

„Со изборната реформа владејачката коалиција ја исфрла Левица од Бундестагот и со тоа ја исполнува желбата на десничарската Алтернатива за Германија (AfD)“, изјави пратеникот од Левица, Јан Корте. Ја критикуваше владата за „валкана игра“ и обид неговата партија да се уништи преку изборниот закон.

Претседателот на CSU и баварски премиер, Маркус Зедер, најави тужба пред Уставниот суд доколку изборниот закон ја мине парламентарната процедура.

„На граѓаните всушност им се одзема правото на глас“, рече Зедер најавувајќи го излегувањето пред Уставниот суд.

Според новиот закон, имено, CSU во големите баварски градови како Минхен или Нирнберг би ги загубила директните мандати.

Зедер го критикуваше укинувањето на правилата коишто на партиите со најмалку три директни мандати им овозможува влегување во Бундестагот и покрај фактот што преку партиските листи не го минале изборниот праг од 5 отсто. Од ова правило досега најмногу профитираше партијата Левица.

„Сите знаат дека и не сум некој особен љубител на партијата Левица, но со овој закон се укинува демократската традиција воведена преку обединувањето на Германија“, изјави баварскиот премиер.

Христијанско-демократската унија (CDU) стравува дека примените на изборниот законик би предизвикала уште поголем отклон на некои делови од општеството од демократските процеси.

„Поради новиот закон, особено во големите градови и на истокот на земјата, ќе има помалку директно избрани пратеници“, изјави еден од водачите на демохристијанската пратеничка група во Бундестагот, Торстен Фреј.

За промените на изборниот закон, пратениците би требало да дискутираат во среда.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.