Германски ФАЦ со насловна за Македонија: Корупција на Владата во име на ЕУ

Сериозни обвинувања против Владата на Македонија, која се претставува како проевропска, објавени се денеска во германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг од новинарот Микаел Мартенс, добар познавач на приликите на Балканот. Луѓето во Македонија се навикнати на фактот дека корупцијата е постојано зло во нивната земја, пишува авторот споменувајќи го како пример скандалот на Клиниката за онкологија и сомневањата за вмешаноста на министри, на поранешниот премиер Зоран Заев, директори на клиники…

Мартенс пишува дека за Македонија не е невообичаено тоа што медиумите, а не судството, ги собираа доказите за вакви скандали.

„На Балканот, критичкото новинарство сѐ повеќе делува како замена или двигател на судството кое не сака или не може да ја казни корупцијата… Генерално може да се каже дека ветувањето на македонските социјалдемократи кога ја презедоа власта во 2017 година дека ќе преземат решителна акција против корупцијата не се одржа… И деценијата на владеење на конзервативниот премиер Никола Груевски, исто така, почна со надеж во 2006 година, но потоа сѐ повеќе беше засенет од автократските тенденции и клиентелизмот. Груевски го криеше своето фаворизирање зад националистичката фасада. Неговиот наследник Заев вети дека ќе го исчисти корумпираното наследство на Груевски, кој побегна во Унгарија за да му се придружи на неговиот покровител Виктор Орбан. Сепак, тешко дека ќе најдете луѓе во Северна Македонија кои сметаат дека ова ветување е исполнето. Напротив, мнозинството смета дека корупцијата на едната страна е заменета со онаа на другата. Разликата се забележува само во придружната реторика. Груевски беше категорично националист и „патриотски“. Социјалдемократите, кои оттогаш се на власт, и нивниот коалициски партнер, кој е поддржан од албанското население во земјата, сепак се „проевропски“ и наводно ја потчинуваат својата политика целосно на целта за членство во ЕУ. Во септември кога владиното мнозинство ги донесе законските измени со кои се намалија казнените одредби за злоупотреба на службената положба и ги скратија казните за одредени случаи…. Претседателот Стево Пендаровски можеше да стави вето на законот, но веднаш ги потпиша законите. ЕУ е против тоа да се користи европското знаме при донесувањето на законите од страна на Владата и претседателот во Северна Македонија како изговор за домашни политички махинации кои претставуваат чекор назад во борбата против корупцијата. Портпаролката на Европската Комисија изјави дека тие се „загрижени“ за влијанието на последните одлуки врз борбата против корупцијата, критикувајќи ги не само намалените казни, туку и скратениот рок на застареност на делата, што влијае на многу тековни постапки. Портпаролката го критикуваше и фактот дека законите наводно биле неопходни за усогласување.

Таа го критикуваше и фактот дека законите се донесени набрзина без сеопфатна консултација и координација со ЕУ, наведувајќи ја наводната потреба од усогласување со европските стандарди“.

Авторот пишува дека работите не се смениле на подобро со наследникот на Заев, актуелниот премиер Димитар Ковачевски и неговиот тим. „Корупцијата дивее. Она што е ново е тоа што често се камуфлира со „проевропски“ говори, но тоа со ништо не ја подобрува состојбата на луѓето кои страдаат“.

Мартенс го споменува и Специјалното јавно обвинителство. „Тажен пример е судбината на сега веќе непостоечкото СЈО, кое некогаш беше поздравувано како инструмент за борба против корупцијата, но потоа и самото се заплетка со обвинение за корупција. Се чини дека политичката елита во Скопје беше многу среќна што имаше изговор да го затвори“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.