Германскиот град Келингхузен, кој во моментов се соочува со невидена наезда од врани, решил конечно да се справи со нив, сметајќи го за добро решение „аутсорсингот“ птица грабливка.
Буркхард, американски пустински јастреб глувчар, во Германија е далеку од своето придорно живеалиште и внимателно ја набљудува околината, но ништо значително не се случува, пренесуваат локалните медиуми.
Позната и како Харисовиот јастреб, оваа моќна птица ги растерува враните и нивните гнезда во крошните на дрвјата, но како вистинска птица грабливка нема многу работа.
Во Келингхузен јастребот е на задача да ја набљудува популацијата на враните кои им задаваат главоболки на властите во бројни германски градови, бидејќи освен што создаваат голема бука, нивниот измет предизвикува ерозии на градските споменици и старите фасади а ја загадува и почвата под нивните гнезда.
Буркахард му припаѓа на соколарот Херберт Богер кој од почетокот на годинава своите птици ги носи во ова мирно гратче на реката Ајдер трипати седмично за да ги истераат црните врани, односно чавките.
Бидејќи овој вид птици докажано се доста паметни, Богер доаѓа во различно време во текот на денот, за враните да не се навикнат на него.
„Тоа е како некој да ве изненади во вашата спална соба. Сигурно тоа не ви се допаѓа“, вели соколарот.
Во градот се преброени околу 200 гнезда на здодевните птици, а изметот што го оставаат зад себе и буката којашто ја предизвикуваат го нарушува мирот на блиските дом за стари лица и училиште.
Богер своите птици грабливки редовно ги носи и во градот Вилштер, како и на аеродромот Хамбург каде се соочуваат со истиот проблем.
Во 2021 година во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, каде се наоѓа Келингхузен, изброени биле 28.000 расплодни двојки врани. Ги привелкуваат тревнати области во рамници кои често се поплавени и мочуришта каде имаат сигурно снабдување со храна.