Германски „Маркварт“ прва странска инвестиција во Велес

По 24 години, германски „Маркварт“ е прва странска инвестиција во Велес, некогашниот македонски индустриски центар. По долги најавувања, германскиот инвеститор деновиве конечно дојде во Македонија и обелодени кој е. Тој воедно го потпиша договорот со македонската Влада за инвестиција во Велес. Станува збор за германска компанија „Маркварт“, добавувач во автомобилската индустрија за врвните германски брендови, како „Мерцедес“, „Ауди“ и „БМВ“, пишува Дојче Веле.

Фабриката вредна 35 милиони евра, која ќе почне да се гради во март 2014 година, во новата индустриска зона Караслари кај Велес, треба да биде на површина од 15 илјади квадратни метри. Според најавите од инвеститорот, со производство ќе се започне во првиот квартал од 2015 година, а тоа ќе значи 500 до 600 нови вработувања на претежно млади кадри.

Локалната власт очекува позитивни ефекти за општината

Инфраструктурата во Индустриската зона Караслари кај Велес, како што информираат од локалната власт, е веќе подготвена. Донесена е планска програма потпишана од градоначалникот Славчо Чадиев. Тој во изјавата за ДВ потенцира дека се многу задоволни од инвестицијата, која е прва странска инвестиција во градот по 24 години.

„Ние очекуваме дека оваа инвестиција ќе има позитивни ефекти врз целокупното живеење во општина Велес, затоа што околу 600 семејства од градот ќе ја најдат својата егзистенција во оваа фирма“, вели Чадиев за Дојче Веле.

Градоначалникот на Велес воедно очекува и ангажирање на локални компании како логистика.

„Од разговорите со нив, тие потенцираа дека воедно ќе ангажираат дел од домашните бизнисмени за да им помагаат, според потребите. Тоа значи дека ќе има поширок опсег на фирми кои ќе имаат учество во работењето на германската компанија, а што ќе значи и позитивни ефекти за целата општина“, потенцира градоначалникот Чадиев.

Младите невработени од Велес со нетрпение очекуваат фабриката да почне со работа. Филип Трајковски, 28-годишен невработен електро-техничар, за ДВ изјавува:

„Со радост ја примив веста за германската инвестиција во Велес, која долго се највуваше. Невработен сум десет години и многу ми е тешко. Се надевам дека конечно ќе се вработам и повеќе нема да бидам на товар на родителите, а потоа конечно ќе оформам и свое семејство“.

Миле Стојковски, 31-годишен невработен машински техничар, пак, е загрижен за платите во странските фирми во Македонија.

„Се радувам што можеби конечно и јас ќе се вработам. Знам дека платите во овие странски фирми, кои работат во земјава, се околу 8 илјади денари. Сметам дека тие се недоволни и дека за егзистенција е потребна минимална плата од 15 илјади денари“.

Економските експерти со добри прогнози

Економските експерти во Македонија оценуваат дека германскиот инвеститор „Маркварт“ е ценета фирма од областа на електрониката, која има свои фабрики во повеќе земји во Европа и светот. Експертот за инвестиции проф д-р Методија Несторовски од Економскиот факултет при УКИМ во Скопје оценува:

„Оваа инвестиција е убава вест за еден индустриски малаксан град, кој во времето на предолга транзиција ги изгуби најголем дел од индустриските капацитети и карактеристиките на индустриски град. Воедно ќе значи и едно големо освежување, односно заживување, за велешкото стопанство, од еден многу сериозен и успешен инвеститор“, оценува проф. Несторовски.

Експертите велат дека, покрај во однос на вработувањето, ефекти ќе има и врз извозот. Тие проценуваат извоз од околу 75 милиони евра. Проф. д-р Несторовски потенцира:

„Инвестицијата ќе значи и дополнителни ефекти што ќе ги има врз раздвижувањето на индустријата и другите услужни дејности, од транспортот, телекомуникациите и другите дејности, што ќе значат плус за економскиот развој на Велес и Македонија. Оваа инвестиција, воедно ќе значи и привлекување на други инвестиции“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.