Германски политичар проценува кој има полза од труењето на Навални

Противниците на довршувањето на изградбата на гасоводот Северен тек 2, со кој по дното на Балтикот ќе ги удвои испораките на рускиот природен гас во Германија, би можеле да стојат зад наводното труење на рускиот опозициски блогер Алексеј Навални, изјави во неделата пратеникот во германскиот Бундестaг, Грегор Гизи од партијата Левица во интервју за мрежата MDR Aktuell.

Во интервјуто Гизи главно се противи на најавените санкции против Русија поради случајот со Навални, и предупредува дека „другите земји се крајно внимателни“ во заканите со санкции. Додава дека Русија „мора да има право да се изјасни“ и потсетува дека Москва ветила отворање истрага доколку бидат веродостојно потврдени наводите за труење на остриот критичар на Кремљ.

Левичарскиот пратеник, притоа предупредува и на прејудицирање на вината на Москва за наводното труење на Навални. Прашува притоа зошто рускиот претседател Владимир Путин би бил заинтересиран за ваква акција кога тоа неизбежно значи дополнително влошување на и онака крајно затегнатите односи со Западот. Гизи вели дека Путин „би требало да биде многу глупав, за да го нарача тоа“.

Но германскиот политичар го поставува прашањето кој би имал полза од труењето на Навални и според него „апсурдни“ се верзиите за вмешаност на руската влада во инцидентот.

„Возможно е тоа да го направиле непријателите на гасоводот во Германија“, вели Гизи. Сторителот, според него, знае дека она што ќе се случи во Русија ќе создаде уште еден проблем во односите меѓу Москва и Западот.

Потсетува притоа дека одлуката на Германија да ги доврши преостанатите шест/седум проценти од гасоводот, е она што го посакува американскиот претседател Доналд Трамп.

Официјален Берлин инаку остро реагираше на неодамнешните закани со санкции и повторените повици од Вашингтон да се блокира градењето на споменатиот гасовод. И шефот на германската дипломатија Хајко Маас во неделата, и покрај тоа што повторно побара од Русија да соработува и да ги казни виновниците за според него недвосмисленото труење на Навални, повика и инцидентот со рускиот опозиционер и реакциите на Берлин да не се мешаат со проектот Северен тек 2.

Инаку позицијата на Гизи, ја споделуваат и други германски политичари од други фракции. Така, Гунар Линдеман пратеник во покраинскиот парламент на Берлин од крајно десната Алтернатива за Германија (AfD), на својот официјален профил на Facebook објави за наводно постоење „односи и финансиски врски меѓу Навални, (американскиот финасиски шпекулант кој финансира опозициски медиуми во Русија, Џорџ) Сорос и кланот Обама – Клинтон“. Според него, инцидентот со Навални претставува „претставува пропаганда насочена против руската влада“.