Германскиот автомобилски гигант се откажува од фабриката во Турција

Германскиот производител на автомобили и возила „Volkswagen“ објави во средата дека поради економската криза којашто ја предизвика пандемијата од новиот коронавирус, се откажува од градењето фабрика во Турција.

Одлуката е резултат на „крахот на глобалната побарувачка на автомобили кој го предизвика коронакризата“, објавија од VW.

Компанијата имаше намера да ја изгради фабриката во западната турска покраина Маниса и веќе основаше филијала којашто е запишана во регистерот на тамошниот трговски суд со основен капитал од ококу 164 милиони американски долари.

Во фабриката требаше да се произведуваат до 300.000 автомобили годишно, со отворање 4.000 работни места во регионот. Меѓутоа, пандемијата на коронавирусот ги расипа плановите.

Во денешниот контекст создавањето нови капацитети не е неопходно, изјави портпаролот на VW. Сите планирани проекти поврзани со возила ќе бидат реализирани во погоните во рамките на постојната мрежа на корпорацијата.

Градењето на споменатата фабрка во Турција првпат беше запрено во октомври 2019 година, поради воената инвазија на турската армија во соседните Сирија и Ирак, за што владата во Анкара беше критикувана од западните сојузници.