Германскиот канцелар Олаф Шолц на средба со Путин

Германскиот канцелар Олаф Шолц по вчерашната посета на Киев денеска ќе престојува во Москва. Ова ќе биде прво патување на Шолц во Русија како шеф на германската влада.

Според канцеларот, кој вчера во Киев разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, задача е да се искористат сите можности и сите формати за да се спречи нарушувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, вооружена инвазија на Русија. Шолц рече дека очекува јасни чекори од Москва за деескалација на конфликтот со Украина, додавајќи дека Германија и нејзините западни сојузници се подготвени за сериозен дијалог со Русија за европската безбедност, додавајќи дека за Германија е јасно оти натамошната воена агресија против Украина ќе има сериозни политички, економски и геостратегиски последици за Русија. Тој најави нов германски кредит од 150 милиони евра за Украина.

Русија концентрира повеќе од 100.000 војници во близина на украинската граница и започна со голем број воени вежби во регионот. Кремљ вчера сигнализира дека е подготвен да продолжи да разговара со Западот за безбедносните забелешки што доведоа до актуелната украинска криза, нудејќи надеж дека Русија нема да го нападне својот сосед во рок од неколку дена.

И покрај предупредувањата од Вашингтон, Лондон и од други места дека руските трупи би можеле да се префрлат во Украина веднаш, средбата во понеделникот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров сугерираше поинаку. На состанокот со Путин, Лавров изјави дека Москва треба да води повеќе разговори со САД и нивните сојузници и покрај нивното одбивање да ги разгледаат главните безбедносни барања на Русија.