Германскиот конзул во Бразил обвинет за убиство на сопругот

Бразилската полиција го привела германскиот конзул осомничен за убиство на својот сопруг во дом во луксузниот кварт на Рио де Жанеиро, и обид за прикривање на злосторството, пренесува во неделата агенцијата AFP повикувајќи се на полициски извори.

Како што изјавиле од бразилската полиција, германскиот конзул Уве Херберт Хан изјавил пред властите дека на неговиот сопруг, белгискиот државјанин Валтер Анри Максимилијан Биот му се слошило во петокот вечерта, паднал и ја удрил главата, по што настапила смрт. Меѓутоа, според полицијата, сепак анализата на телото и станот на двојката во населбата на познатата плажа Ипанема, укажуваат на тоа дека Биот всушност бил претепан.

„Верзијата на конзулот за настаните дека жртвата паднала не е во согласност со заклучоците од судско-медицинскиот преглед“, изјавила за агенцијата Камила Лоренко, портпаролка на бразилската полиција.

При прегледот на телото на жртвата, имено, биле констатирани крвни подливи, коишто укажуваат на тоа дека била удирана со клоци и претепана со цилиндричен предмет.

Бразилската полиција потврдила дека во саботата го привела германскиот конзул под сомнение дека го убил мажот во кој живеел во брачна заедница.

Бразилските медиуми објавија дека Хан нема да има дипломатски имунитет, со оглед на природата на злосторството. Според извештаите на локалните медиуми, Хан, кој бил во брак со Биот 20 години, се обидел да го исчисти местото на смртта пред да дојде полицијата, а потоа им рекол на полицајците дека неговиот сопруг многу пиел и оти земал апчиња за спиење.

Биот за една седмица требало да го прослави 53-от роденден, според сликата од неговата лична карта објавена во бразилскиот печат.

Германската амбасада не одговори веднаш на барањето за информации. Но амбасадата и конзулатот во Рио де Жанеиро се во „близок контакт со бразилските власти кои го истражуваат овој случај“, изјавил во неделата извор од германската федерална канцеларија за надворешни работи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.