Германскиот претседател ги обвини САД, Кина и Русија за „мрачните времиња“

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер порача во петокот дека меѓународната политика влегува во „мрачен период“, за што според негова оцена одговорни се светските сили САД, Русија и Кина.

„Денес сме сведоци на деструктивната динамика во светската политика. Година по година се оддалечуваме од целта, меѓународна соработка поради мирот во светот. Враќањето на националните интереси нѐ води во слепа улица, во мрачни времиња“, изјави германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер отворајќи ја безбедносната конференција во баварската престолнина во Минхен.

За небезбедноста и недовербата во светот Штајнмаер ги обвини Русија и Кина, меѓутоа и германскиот сојузник САД.

„Нашиот најблизок сојузник САД под сегашната администрација ја отфрла идејата на меѓународната заедница. Повторно голема, дури и на штета на соседите и партнерите“, истакна Штајнмаер, алудирајќи на главната идеја на американскиот претседател Доналд Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“.

За Русија рече дека е „воена сила и промените на границите во Европа повторно ги направи политичко орудие“, а Кина ја критикуваше бидејќи „меѓународното право го зема селективно, кога тоа им користи на нејзините интереси“.

Исходот е „растечка недоверба, поголемо вооружување, помалку сигурност, сѐ до нова трка во никеларното вооружувење, предупреди германскиот претседател.

Како одговор на однесувањето на светските сили, Берлин е подготвен да преземе поважна улога во меѓународната заедница, истакна Штајнмаер.

„Германија би требало да го зголеми воениот буџет за да придонесе за европската безбедност и да го сочува сојузништвото со САД, имајќи предвид дека американските интереси од Европа се префрлаат на Азија“, рече Штајнмаер.

Зборувајќи за политиката на Европската унија кон Русија рече дека таа не би смеело „да се ограничи само на осуди и санкции“, а во односите со Кина „треба да се најде рамнотежата меѓу соработката и конкурентноста“.