Германскиот претседател Штајнмаер го прими Зеленски во Берлин

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска го пречека Володимир Зеленски во Шлос Белви, неговата официјална резиденција во Берлин, со што и официјално почна посетата на украинскиот претседател на Германија.

Како што јави ДПА, Зеленски изрази благодарност до Германија при потпишувањето во книгата за посетители во официјалната берлинска резиденција на Штајнмаер.

– Во најпредизвикувачкиот период во модерната историја на Украина, Германија се покажа како наш вистински пријател и сигурен сојузник, кој одлучно стои рамо до рамо со украинскиот народ во борбата за одбрана на слободата и демократските вредности, напиша Зеленски на англиски.

– Заедно ќе победиме и ќе го вратиме мирот во Европа. Ви благодариме, господине сојузен претседател, за личната поддршка на Украина и гостопримството, и на германскиот народ за фантастичната солидарност. Слава на Украина. Данке Дојчланд, напиша Зеленски.

Двајцата лидери ќе разговараат заедно со по четворица советници. Улогата на Штајнмаер е во голема мера церемонијална, додека Зеленски има извршни овластувања, како и шеф на државата.

Подоцна во текот на денот, германскиот канцелар Олаф Шолц ќе го пречека украинскиот лидер со воени почести по што ќе одржат тет-а-тет разговори. Потоа ќе се приклучат уште неколку функционери.

По средбата со Шолц закажана е и прес-конференција.

Во Ахен на Зеленски и украинскиот народ попладне ќе им биде врачена наградата Карло Велики за придонес во европското единство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.