Германските демохристијани и социјалдемократи ги продолжуваат преговорите за коалицијата

Преговарачите на конзервативната демохристијанска унија на Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската Христијанско-социјална унија (CSU) и на Социјалдемократската партија на Германија (SPD) и во понеделник ќе ги продолжат преговорите за формирање коалициска влада, иако првично беше најавено дека преговорите ќе бидат завршени во неделата, пренесува во неделата вечерта агенцијата DPA.

„За преостанатите две спорни теми, за временски ограничените работни договори и реформите на здравствениот систем, сигурно ќе се расправа и во понеделникот“, јавува DPA повикувајќи се на извори во преговарачките тимови.

Како што јави јавниот телевизиски сервис ARD, претседателството на CSU го откажало својот за во понеделникот утрото договорениот состанок на кој треба да биде дискутирано за завршување на коалициските преговори.

Учесниците во преговорите во пресрет на завршната фаза изразија оптимизам во врска со завршувањето на преговорите и прифаќање на коалицискиот договор.

„Не мислам дека преговорите уште би можеле да пропаднат. Не ми е позната темата којашто би можела да биде непремостлива“, изјави за ARD, премиерот на сојузната држава Саксонија-Анхалт, Рајнер Хазелхоф.

Челникот на SPD, Мартин Шулц, претходно појасни дека останале уште неколку отворени „социјално-политички“ прашања.

Демохристијаните и социјалдемократите сѐ уште спорат околу прашањето за временското ограничување на работните договори за нововработените. Од SPD бараат укинување на прописот според кој временски ограничен работен договор може да го склучуваат на одредено време без конкретна причина од страна на работодавецот.

По прашањето на здравствениот систем, пак, социјалдемократите бараат лекарите да може да наплаќаат иста цена без разлика дали станува збор за приватен пациент или пациент од задолжителното здравствено осигурување, што, според мислењето во SPD, би го спречило создавањето на двокласен здравствен систем.

Во неделата претпладнето преговарачите постигнале договор околу социјалното градење на станови, за што од буџетот би требало да бидат одвоени дополнителни две милијарди евра и со што би требало да биде ублажен актуелниот проблем со недостиг на исплатлив станбен простор во поголемите градови.

Во неделата, исто така, е постигнат договор за засилено вложување во интернет мрежата под мотото „брз интернет за сите“, што би придонело за ширење на широкопојасната мрежа и во послабо населените краеви од Германија

Доколку преговорите бидат завршени со успех, зелено светло за влегувањето во коалицијата со конзервативците со гласање на 15-ти февруари треба уште да даде и социјалдемократската партиска база, што е неизвесно имајќи предвид дека големи делови од партијата се противат на повторното влегување во ткн Голема коалиција, којашто според нив е главната причина за историски најслабиот изборен резултат што го оствари SPD на парламентарните избори кон крајот на ланскиот септември.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.