Германските научници работат на проект за систематска анализа на говорите на Хитлер

Говорите кои нацистичкиот водач Адолф Хитлер ги држел во периодот меѓу 1933 и 1945 година за време на нацистичкото владеење на теророт во Германија, систематски се анализирани од група научници кои ќе ги направат достапни на јавноста со пропратни објаснувања и контекст.

Проектот се очекува да трае седум години и има за цел првпат да ги идентификува и анализира сите говори на Хитлер и да ги направи достапни за академскиот свет и пошироката јавност преку критичко издание, објавија научниците на крајот од минатата седмица во Манхајм.

Заедничкиот проект го реализираат Фондацијата Германска радиодифузна архива, Универзитетот Гете во Франкфурт, Институтот за современа историја Минхен-Берлин, Институтот за германски јазик Лајбниц од Манхајм и Универзитетот Филипс во Марбург.

Целта е сите релевантни текстови и аудио-снимки да бидат достапни во научно веродостојна форма.

„Фактите и контекстите се објаснети во прибелешки според моменталната состојба на истражувањето, а кратките биографии ги претставуваат споменатите личности“, велат истражувачите.

Објаснувањата ќе бидат објавени во печатена и дигитална форма, велат оттаму.

Преживеаните аудио снимки ќе може да се пребаруваат и анализираат.

Проектот е финансиран од Германската истражувачка фондација, интердисциплинарна организација за промоција на науката и истражувањето во Германија.