Германските складишта за гас се полни 75 отсто

Германските складишта за гас достигнаа капацитет од 75 отсто две недели пред предвиденото, објави државниот регулатор за енергетска мрежа, цитиран од Блумберг.

Најголемата европска економија се обидува да обезбеди доволна снабденост со гас за зимата поради намалените испораки од Русија.

„Целта од првата фаза е постигната. Складиштата за гас се полни со 75,43 отсто. Следната цел е зафатеност од 85 проценти до 1 октомври“, напиша на Твитер Клаус Мулер, претседател на Федералната агенција за мрежа.

Германскиот план предвидува магацините да бидат полни најмалку 75 отсто до 1 септември, а потоа до 1 октомври да се зголеми капацитетот на 85 отсто, а до 1 ноември на 95 отсто.
Испораките на руски гас преку гасоводот Северен тек 1, кој оди под Балтичкото Море до Германија, се намалени во период од неколку недели, на околу 20 отсто од капацитетот. Руската компанија Газпром како причина за ова ги наведува техничките проблеми, додека германската влада го смета тоа за изговор, пренесува Танјуг.

„При нормални зимски температури и со намалени испораки на гас, складираниот гас може да се потроши уште во март или во април“, рече Себастијан Блешке, генерален директор на германското здружение за складирање гас Инес, пренесе ДПА.

„Доколку Русија целосно го прекине снабдувањето со гас, складираниот гас ќе се потроши уште порано“, додаде Блешке.