Германските весници најавуваат Чурлинов на чекор до трансфер во Штутгарт

Младинскиот македонски репрезентативец и најмлад дебитант во историјата на македонската репрезентација, Дарко Чурлинов е на чекор да се пресели во Штутгарт, објави најтиражниот германски весник Bild“.

Веќе од летоска Штутгарт е заинтересиран за напаѓачот на Келн, а уште пред Божиќ беше најавено дека зимава овој клуб ќе тргне во потера за ангажман на 19-годишниот офанзивец и според најавите сега, брзо може да падне и договор. Чурлинов е дел од Келн веќе неколку години, а на стартот на сезонава дебитираше и во Бундеслигата, но не доби премногу шанса да игра, па најчесто е дел од младинскиот тим во регионалната лига во Германија.

Уште во септември работите со „јарците“ запнаа, откако Чурлинов побарал да биде дел од првиот тим за да може да напредува, а Келн му понуди нов договор но без гаранции за тоа што македонскиот репрезентативец го бараше.

„Промената на македонскиот репрезентативец, кој е мета на Штутгарт за да го купи од Келн е близу до реализација“, пишува весникот.

Засега нема детали колку ќе чини трансферот и што му нуди Штутгарт на Чурлинов, кој со Келн има договор до летоска по што е слободен играч.

„Веќе разговаравме со менаџерите на Штутгарт. Дарко има договор со Келн до лето и тоа треба да се почитува, но наскоро ќе видиме сè“, рекол Мехмет Есер, советник на македонскиот фудбалер.