Германските власти до јануари не знаеле за масовното истекување на податоците на политичарите

Агенцијата за кибернетичка безбедноста била запознаена со пет случаи на хакирање податоци на германските политичари во 2018 година кои може да се поврзат со масивниот хакерски напад по кој почетокот од годинава истекоа голем број лични податоци на стотици политичари, се наведува во соопштението на Сојузното биро за информатичка безбедност (BSI) објавено во саботата, што е во спротивност со изјавата на неговиот директор ден претходно.

Канцеларката Ангела Меркел е меѓу стотициите германски политичари погодени од голем хакерски напад во кој се објавени нивните лични податоци, вклучително и информации за нивните кредитни картички, адресите и броевите на мобилните телефони, како и внатрепартиски документи. Бројот на факсот, електронската адреса и неколку писма на канцеларката Ангела Меркел се меѓу податоците кои протекле преку профил на Twitter за кој не се знае чиј е. Засега не е познато дали овие писма кои Меркел ги испраќала и примала од други, содржат чувствителни информации.

„Во почетокот на декември 2018 година, еден член на германскиот Бундестаг го информираше BSI за невообичаени активности на неговата приватна сметка, како и на страниците на социјалните медиуми… Дури по објавувањето на записите на податоците на Twitter – ’G0d’ од 3-ти јануари 2019 година, BSI можеше на 4-ти јануари да ги поврзе овој и четири други случаи за кои беше запознаено бирото во текот на 2018 година, во овој контекст“, се вели во соопштението на бирото.

Од BSI истакнуваат дека „планираното или изведеното објавување на украдените информации“ на бирото не му било познато до „ноќта меѓу 3-ти и 4-ти јануари“.

„На почетокот од декември 2018 година беше невозможно да се предвиди дека имало повеќе случаи. Поврзувањето на поединечните случаи, споменати погоре, можеше да се утврди само подоцна, со анализа на сите податоци кои станаа достапни“, се додава во соопштението.

Според BSI, нападот првенствено бил насочен врз личните сметки на германските политичари. Сопственикот на сметката на Twitter, кој ги објавил линковите на кои биле податоците, ги објавувал минатиот месец во форма на адветнски календар. Истекувањето повеќето лица го забележале дури во четвртокот вечерта. Се’ уште не е утврдено како податоците се украдени.

„Според сегашните информации, главно станува збор за напад врз приватните и лични акаунти на жртвите. BSI е одговорен за оперативната заштита на владините мрежи. Во врска со внатрепартиските и приватните комуникации на пратениците, BSI може да дејствува само како советник и да укаже поддршка само по барање“, се истакнува.

Претходно седмицава BSI потврди во дека ниту еден податок кој е објавен на спорниот профил на Twitter не потекнува од затворената мрежа на Бундестагот и на Кабинетот на канцеларката, туку од приватните електронски пошти, како и од социјалните мрежи.

Ова соопштение се разликува од изјавата од петокот на директорот на BSI, Арне Шенбом кој тврдеше дека агенцијата во декември ги предупредувала погодените политичари. „Веќе имавме соодветни разговори многу рано во декември со одредени членови на парламентот кои се погодени“, рече Шенбом за германската телевизија Phoenix, додавајќи дека агенцијата преземала противмерки,.