Германските зелени го задржаа водството во анкетите, продолжува падот на социјалдемократите

Германските зелени ја задржаа водечката позиција меѓу гласачите, според најновата анкета објавена во саботата, додека социјалдемократите и натаму продолжуваат да ја губат популарноста.

Испитувањето на јавното мнение на институтот Forsa Trend Barometer, во соработка со RTL и уште неколку други телевизии, покажува дека Зелените би освоиле 27 отсто од гласовите кога општите избори во Германија би се одржале оваа недела. Тоа е идентично ниво на поддршка како и минатата седмица.

Конзервативниот блок на Христијанско-демократската унија (CDU) на канцелкарката Ангела Меркел и нејзината сестринска баварска Христијанско-социјална унија (CSU), го заземаат второто место со 24 отсто. Оваа поддршка, исто така, е непроменета во однос на истражувањето од пред седум дена.

Евроскептичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), пак, е единствената од водечките партии којашто забележала раст на поддршката, и тоа од еден процентен поен и сега има 13 отсто доверба кај гласачите.

Социјалдемократската партија на Германија (SPD), обратно, загубила еден процентен поен и се спушти на 11 отсто поддршка. Овој резултат претставува нова најниска поддршка за социјалдемократите досега измерена во анкетите на Forsa Trend Barometer.

Слободните демократи, поборници на слободниот пазар, имаат раст од еден процентен поен и сега се со 9 отсто поддршка, додека крајната левичарска партија Левица (Die Linke) ги задржала 8-те отсто поддршка.

Во анкетата 69 отсто од испитаниците се изјасниле дека се убедени оти SPD во блиско време нема повторно да ја добие довербата која ја загуби кај поголемиот дел од гласачкото тело.

Андреас Нахлес отстапи од лидерското место во SPD откако партијата доживеа понижувачки пораз на изборите за Европскиот парламент на крајот од мај. Помал дел од испитаниците, 23 отсто, затоа сметаат дека 29-годишниот Кевин Кухнерт, потенцијално новиот челник на социјалдемократите, е соодветен избор за водечката личност на партијата.

Анкетата на Forsa опфатила 2.001 испитаник, а е правена во периодот од 11-ти до 14-ти јуни. Анкетата има маргина на грешка од 2,5 процентни поени.