Германско гратче евакуирано поради бомба

Околу 12.000 луѓе биле принудени да ги напуштат во средата своите домови, канцеларии, училишта и работни места во германското место Оранјенбург, на истокот од земјата, поради демонтирање на бомба заостаната од Втората светска војна.

Подрачјето во круг од 900 метри било евакуирано околу местото на коешто е пронајдена 250 килограми тешка американска бомба, пронајдена уште во ноември во гратчето на само 40 километри оддалечено од германската престолнина Берлин.

Станбени згради, детски градинки, училишта, како и зградите на локалната админситрација целосно се евакуирани кога шестчлениот тим од пиротехничари пристапиле на повеќечасовното демонтриање на бомбата.

Железничкиот сообраќај, како и превозот на мрежата речни канали коишто минуваат низ гратчето со околу 40.000 жители, исто така, бил сопрен.

Германските власти се под притисок дека мора да ги отстранат неексплодираните бомби од населените области, бидејќи стручњаците предупредуваат и тврдат дека бомбите со текот на времето стануваат сé поопасни поради заморот на материјалот.

Пронаоѓањето на неексплодираните авионски бомби од Втората светска војна е речиси вообичаено во Германија, врз којашто сојузничките западни и тогашните советски сили фрлиле милиони тони бомби кон крајот на војната. Секоја година во Германија се неутрализираат по околу 5.500 неексплодирани бомби и други експлозивни средства.

Неексплодираните бомби заостанати од сојузничките бомбардирања на тогашна нацистичка Германија кон крајот на Втората светска војна, често се наоѓаат во германските градови при градежни работи или одржување на инфраструктурата. Поради тоа, многу локални власти имаат специјални екипи задолжени за нивно откривање и безбедно детонирање.

Вкупно врз Германија за време на Втората светска војна биле фрлени повеќе од два милиона бомби, од кои меѓу 5 и 20 отсто, односно најмалку 100.000 не експлодирале. На неколку месеци, некогаш и почесто, при изведување градежни работи се откриваат вакви експлозивни направа. Вообичаено, властите објавуваат дека ниедна од нив не претставува реална закана за безбедноста на луѓето, и по неколку часа се неутрализирани.

Несреќен случај е забележан само во јуни 2010 година, кога експлодираше бомба од 500 килограми кај Гетинген, кога загинаа три а беа повредени две лица.

Најмногу бомби во Втората светска војна се фрлени врз германската престолнина Берлин – повеќе од 68.000 тони, Хамбург – 45.000 тони , како на територијата на Рурската обакст – 162.000 тони.

Хановер, исто така, бил цела на чести бомбардирања на сојузничките воздухопловни сили во последните години од војната. Само на 9-ти октомври 1943 година врз овој град биле фрлени 261.000 бомби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.