Героски: Доста терате инает, разумно е пописот да се одложи!

Власта да го одложи пописот, а опозицијата да не го охрабрува бојкотот. Ајде да ја занемариме расправата за методолошките проблеми на спроведувањето на пописот. Да ги оставиме настрана и политичките тензии, неминовни кога една ваква, за македонски прилики секоаш сложена и сензитивна операција, се спроведува без политички консензус. Ајде да се ослободиме и од впечатоците по првичното сумирање на досегашните резултати од попишувањето на дијаспората, пишува Бранко Героски за Плус инфо.

-Предлагам разумно, без предубедувања и одговорно да разговараме за можноста пописот да паузира барем неколку месеци, до очекуваното подобрување на епидемиолошката слика во Македонија.

Ковид-19 во овој момент ја држи Македонија на колена. Бројките се застрашувачки. Секојдневно имаме повеќе од 1.000 новозаразени, смртноста е многу висока, а процесот на имунизација на населението е на мртва точка.

Мислам дека сите ќе се согласиме дека во вакви околности, попишувањето на населението и на домаќинствата е сериозен ризик. И дека нема аргументи за настојувањето да го прифатиме тој ризик како нужност.

Сите се надеваме дека за неколку месеци ќе имаме поинаква слика на теренот. Можеби до почетокот на летото конечно ќе стасаат првите поголеми контингенти вакцини. Експертите (д-р Кунгуловски, на пример) велат дека имунизацијата на 100.000 до 150.000 граѓани битно ќе ја подобри епидемиолошката слика, а смртноста ќе се преполови.

Па зарем нема до август или до септември да имаме 150.000 вакцинирани?!

Од друга страна, кон крајот на летото и на почетокот на есента временските прилики ќе дозволат попишувањето да се изведува на отворено, со што би се отстранила опасноста од инфекции во затворен простор. Веројатно е можно да се направат и други организациски промени за што побезбедно попишување на граѓаните. На пример, секој попишувач да биде вакциниран со две дози.

Конечно, што толку ќе се изгуби ако пописот се одложи неколку месеци? Или, прашањето да го поставиме во обратната насока – што толку ќе се добие ако попишувањето се спроведе сега, по цена на создавање нови, пописни кластери?

Очигледно е дека одлуката пописот да не се одложи е последица на инает и на покажување мускули во политиката. За жал, овој пат тоа навистина може да нè чини прескапо.

Апелирам власта да го одложи пописот, а опозицијата да не го охрабрува бојкотот. Мислам дека тоа е добра основа за еден разумен компромис во вистинско време, додава Героски.