Героски во СДСМ не го најде обезбедувачот кој му се заканувал

Новинарот Бранко Героски, доскорешниот главен и одговорен уредник на „Слободен печат“, како што најави синоќа, претпладнево пристигна во седиштето на СДСМ, но не го пронајде обезбедувачот на поранешна „Бихаќка“, извесен Борче Гиноски, кој наводно му се заканувал на социјалните мрежи дека „ќе го бања во Вардар“.

На средбата со лицата во СДСМ утврдивме дека не постои таков човек вработен како обезбедување. Не е се уште потврдено дека таква личност не е член на партијата, но добив се што требаше за да видат дека не се работи за обезбедување. Сега ми преостанува законски и процедурално да барам заштита од институциите, рече Героски пред новинарите.

Костадин Костадинов, портпаролот на СДСМ, наведе дека на Героски му било докажано дека извесен Борче Гиноски не работи во обезбедувањето на партиското седиште.

„Таков вработен немаме евидентирано. Сега се што ни останува е да ја пребараме базата на членството и да видиме дали таму има такво име. Доколку постои такво нешто, ние ќе постапиме според статусот. СДСМ е одговорна партија и никогаш не одобрува закани кон било кој граѓанин, особено со насилство кон медиумско лице“, рече Костадинов.