Гевгеличанец тешко повреден, излетал од патот и удрил во земјен канал

Гевгеличанец е тешко повреден откако со возилото излетал од патот и удрил во земјен канал на регионалниот пат Градско-Неготино вчера околу 15 часот.

49-годишниот И.Ѓ. од Гевгелија управувал со возило „ауди“ со гевгелиски регистарски ознаки.

Како што информираат од СВР Велес, при несреќата возачот се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во болницата во Велес за укажување лекарска помош.

Увид извршила екипа од СВР Велес.

По укажаната помош во велешката болница поради голем број скршеници по телото тој во тешка состојба, но надвор од животна опасност, бил пренесен на Клиниката КАРИЛ во Скопје, информира за МИА, Весна Неделковска Николова портпаролка на ЈЗУ Општа Болница Велес.

– Повредениот се здобил со сериски фрактури на повеќе ребра, фрактура на карлица, на двете потколеници и на левото стапало и затоа со наше возило за Итна помош го транспортиравме за понатамошно лекување на Клиниката КАРИЛ во Скопје – појасни Неделковска Николова.