Гимназиите најпосакувани за скопските полуматуранти, од оваа година голем интерес и за дуалните паралелки

Првиот уписен рок за основците во сите средни училишта во Македонија ќе се одржи на на 17 и 18 јуни 2019 година, а ранг листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 19 јуни 2019 година. Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 21 јуни 2019 година, а конечните ранг листи со резултатите ќе се објават на 21 јуни 2019 година.

И оваа година, слично како и минатата, нeкои ученици веќе решија каде ќе го продолжат образованието, а некои се’ уште размислуваат. Јазиците, медицината, математиката или економијата се популарни, но најатрактивни остануваат гимназиите.

Заедно со ќерка ми одлучивме таа да конкурира во „Георги Димитров“, гимназиска струка, бидејќи во изминатите години ова училиште според искуствата на други ученици покажа високи резултати, а и квалитетен наставен кадар, вели мајката на една деветтодделенка, првенец на генерацијата во нејзиното училиште.

Како што велат голем број родители, заедно со оваа гимназија, популарни се и „Раде Јовчевски – Корчагин“, но и „Орце Николов“, а интерес има и за медицинските струки.

Да ви кажам право за секаде требаат врски и уште не сме одлучиле каде ќе го запишеме синот. Тој сака да конкурира во појаките училишта бидејќи е одличен ученик, ама нема дипломи од натпревари и не сакам моето дете да се разочара ако биде одбиено во првиот уписен рок, па да чекаме втор. Навистина е стресен овој период и за нас родителите и за децата, вели родител во изјава за НетПрес, видно револтиран од образовниот систем.

Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни 2019 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни 2019 година.

Третото пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 1 јули 2019 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 2 јули 2019 година.

Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок, на 26 август 2019 година за што доставуваат доказна документација.

Занаетчиските училишта за разлика од претходната година стануваат повеќе популарни, пред се поради дуалното образование, но кај техничките, електротехничките струки и машинските струки, но сепак како и минатата година оттаму велат дека очекуваат да ги исполнат капацитетите во трите усписни рокови.

Од учебната 2019/2020 година во сите средни стручни училишта ќе започнат да се реализираат новите наставни планови и 1040 модуларно дизајнирани наставни програми за стручно образование со четиригодишно траење (во сите 14 струки и тоа за сите 52 образовни профили/квалификации од 4то ниво согласно Националната рамка на квалификации), кои предвидуваат воведување на учењето преку работа во трета и четврта година како интегрален елемент во системот на техничко образование и зголемување на учеството на практичната настава и вежби за учениците.

Во рамки на конкурсот, а согласно барањата на компаниите, предвидено е имплементацијата на концептот на дуално стручно образование кој беше воведен минатата учебна година преку воведување на нов образовен профил – техничар за индустриска мехатроника од електротехничка струка во две училишта (СОУ „Киро Спанџов Брко“ во Кавадарци и ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид), оваа година да се прошири со воведување на наведениот образовен профил и во две други стручни училишта (СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп и СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ во Битола). Дополнително, во рамки на концептот на дуално стручно образование предвидено е и воведување на уште еден нов образовен профил од областа на машинството – техничар за производно машинство кој ќе се реализира во три пилот училишта (ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид, СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп и ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес).

Компаниите кои се вклучени во имплементацијата на концептот на дуално стручно образование ја превземаат обврската да ги покријат трошоците за пат, да обезбедат топол оброк и паричен надомест за учениците додека се на практична обука и најважно да им понудат вработување по завршување на образованието.

Имајќи го предвид фактот дека во изминатиот период значително се зголеми интересот и за образовниот профил електричар – електромонтер на електроенергетски мрежи, кој се реализира во две паралелки во СЕУГС “Михајло Пупин“ во Скопје, а во соработка со ЕВН, од оваа учебна година овој образовен профил ќе започне да се реализира и во една паралелка во СОТУ „Гостивар“ – Гостивар.

Критериуми за избор на учениците се:

−    среден успех на ученикот од VI до IX одделение;

−    среден успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката);

−    дипломи за освоени (I, II и III) места од меѓународни натпревари, како и државни натпревари (организирани од акредитирани здруженија од Министерство за образование и наука) по мајчин јазик, странски јазик, природни науки, математика, хемија, физика, биологија и географија и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје;

−    средна вредност од поени добиени за поведение.

Во училиштата каде што се пријавуваат поголем број ученици од планираниот број со еднаков број поени, ќе се организира квалификационо тестирање од предметите значајни за струката.

Во средното уметничко образование (музичко, балетско и ликовно) и спортската гимназија, училиштата утврдуваат дополнителни критериуми.

За средниот успех од VI до IX одделение ученикот може да добие најмногу 50 поени (општиот успех од шесто, седмо, осмо и деветто одделение се собира, се дели на четири и истиот број се множи со коефициент 10).

За средниот успех постигнат од четирите предложени наставни предмети (два наставни предмети задолжително за сите видови образование и два предмети што се значајни за струката), ученикот може да добие најмногу 20 поени (5 поени за секој предмет).

За освоено место од меѓународни и државни натпревари ученикот може да добие најмногу 5 поени. (За освоено место од меѓународни натпревари 5 поени, за освоено место од државни натпревари: 3 поени за I место, 2 поени за II место и 1 поен за III место). На ученикот му се вреднува само една диплома која носи најмногу поени.

За учениците кои завршиле деветто одделение во Република Северна Македонија, а едно, две или три одделенија (VI, VII или VIII одделение) завршиле во странство, за тие одделенија се зема успехот од деветто одделение и важат истите критериуми за избор на ученици дадени погоре.

Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во Македонија за учебната 2019/2020 година, обезбедува вкупно 35.690 ученички места и тоа 24.581 на македонски наставен јазик, 10.123 на албански наставен јазик, 952 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик. Бројот на ученици запишани во деветто одделение во учебната 2018/2019 година е 20.030 ученици.

За стручно образование во четиригодишно траење предвидени се 18.365 слободни места, за стручно образование во тригодишно траење се предвидени 5.490 слободни места, додека за стручно образование во двегодишно траење предвидени се 408 слободни места. За гимназиско образование предвидени се 10.713 слободни места.