Гир: Јасни се обврските на државата за гаранцијата за заштитата на воздушната навигација

При назначувањата во јавните институции, важно е тие да се прават врз основа на заслуга тоа значи – квалификација, вештини, искуство, а не врз основа на припадност на партија или некои лични врски. За различните тврдења во поглед на надворешните политички влијанија ги повикуваме властите да ги истражат и да делуваат во однос на резултатите од тие истраги, порача денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, по последните случувања во М-НАВ.

Гир истакна и дека постојат обврски кога станува збор за воздушната навигација и обврските кон Европската унија во поглед на имплементирањето на тие обврски.

„Тука се вклучува гарантирањето на независноста на телото кое што е одговорно за воздушната навигација, а второто се однесува во поглед на регрутирањето и ангажирањето дека се исполнети правните прашања и оти човечките ресурси се користат на начин што ќе ја гарантира безбедноста, исплатливоста и ефикасноста на самата служба за водушна навигација“, рече амбасадорот Гир на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Министерството за одбрана.

За упадот во зградата на Контролата на летање, заканите и насилството, дипломатот на ЕУ нагласи дека тоа се прашања кои што треба да бидат истражени и доколку постои загриженост треба да се реагира за тоа.

Прашан како ја коментира одлуката на Судот, да не им изрече мерка притвор на инволвираните во упадот во М-НАВ, рече дека јасни се обврските на државата во однос на овој систем кој е дел од критичната инфраструктура.

„Обично како амбасадор немам обичај да коментирам одлуки на суд, меѓутоа сметам дека јасно кажавме кои се обврските по однос на гаранцијата на заштитата на овој систем, но не само на овој туку и на системите од критичната инфаструктура“, рече Гир.

Делегацијата на ЕУ вчера соопшти дека со загриженост ги следи случувањата во врска со националниот давател на услуги за воздушна навигација (М-НАВ). Воедно, посочи дека императив е именувањата во националниот давател на услуги за воздухопловна навигација и сродните услуги, исто како и за другите институции, да се засноваат на заслуги, квалификација и искуство. Од Делегацијата на ЕУ порачаа и дека очекуваат од институциите да спроведат брза истрага во однос на наводите за кронизам при вработувањата.

„Очекуваме државните власти брзо да ги истражат наводите за кронизам при назначувањата во овие служби. Исто така, очекуваме државните власти да ги истражат извештаите за несоодветно надворешно влијание и насилство врз персоналот што работи во М-НАВ“, наведоа од Делегацијата на ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.