Гитарата што Кобејн ја демолираше на сцената продадена за речиси 600.000 долари

Гитарата што фронтменот на американскиот бенд Nirvana, Курт Кобејн, ја демолираше на концерт е продадена на наддавање за речиси 600.000 долари, објави во саботата аукциската куќа Julien’s Auctions која очекуваше да добие десет пати помалку за инструментот.

Гитарата на крајот беше продадена на аукција во кафулето „Hard Rock Cafe3 во Њујорк за точно 595.000 долари, што аукциската куќа го прогласи за „неверојатно“.

Црниот „Fender Stratocaster“ е повторно склопен, но на инструментот веќе не може да се репродуцира.

Гитарата ги носи потписите на тројца членови на култниот гранџ бенд: Кобејн, басистот Кристо Новоселич и тапанарот Дејв Грол.

Гитарата сè уште покажува пукнатини што ги направил Кобејн, изјави Коди Фредерик од Julien’s Auctions за агенцијата AFP.

„Кога беше на сцената и свиреше, Курт Кобејн беше машина. Беше лут и тоа се чувствуваше. Особено во начинот на кој ракуваше со неговите инструменти“, изјави Фредерик во најавата на аукцијата претходно во мај.

Фредерик верува дека оштетената гитара го симболизира „оштетениот музичар“ и „суровото и бурно време“ во музиката.

Бендот Nirvana е основан кон крајот на осумдесеттите во северозападната американска држава Вашингтон. Групата се здоби со поширока слава во 1991 година со објавувањето на нивниот втор албум „Nevermind“, кој беше продаден во повеќе од 30 милиони примероци.

Фронтменот на групата стана идол и глас на новата генерација, но во текот на животот се бореше со зависност и здравствени проблеми. Тој изврши самоубиство во Сиетл во април 1994 година, на 27-годишна возраст.