Гласање за предлог-законот за независност на Порторико

Порториканците би можеле да се придвижат чекор поблиску до референдумот на кој ќе одлучуваат дали островот ќе остане држава на САД, независна држава ли ќе има некој друг вид уредување кога Претставничкиот дом подоцна во четвртокот ќе гласа за предлог-законот со кој ќе се опишува тој процес.

Комисијата на Претставничкиот дом во средата го одобри Законот за статусот на Порторико, отворајќи го патот за целосно гласање во Претставничкиот дом.

Законот поставува услови за одржување референдум, како и три потенцијални самоуправни статуси на Порторико: независност, полна државност на САД или суверенитет со слободно здружување со Соединетите држави. Последниот вид управа е на сила во Микронезија, Палау и Маршалските острови.

Порторико, кој има околу 3,3 милиони луѓе и висока стапка на сиромаштија, станал територија на САД во 1898 година. Повеќе движења со децении се залагаа за поголемо самоопределување, вклучително и државност. Од 1960-те години до денес, на оваа тема се одржани шест референдуми, но тие не беа правно обврзувачки. Само американскиот Конгрес може да додели државност.

„По 124 години колонијализам, Порториканците заслужуваат чесен, транспарентен и демократски процес за конечно решавање на прашањето на својот статус“, објави на Twitter пратеничката Нидија Веласкез, коавтор на предлог-законот од редовите на демократите.

Граѓаните на овој остров во Карибите се Американци, но немаат право да гласаат за и во Конгресот, не можат да гласаат ниту на претседателските избори, не плаќаат сојузен данок на приходите заработени на островот и немаат еднакви услови за некои сојузни програми како останатите граѓани на САД.

Доколку предлог-законот мине во Претставничкиот дом, ќе бидат потребни 60 гласови во тесно поделениот Сенат и потпис на претседателот Џо Бајден за тој да стане закон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.