Гласањето за законот за ЈО на продолжениетo, дополнително ќе биде закажано

Пред почетокот на 136-та пленарна седница доцна вечерта во петокот, собранискиот спикер Талат Џафери ја прекина 135-та седница односно дискусијата за Законот за јавно обвинителство а гласањето ќе биде во продолжението до кога Владата ќе се обиде да го осигури потребното двотретинско мнозинство за да мине нејзниот итен предлог, а тоа дополнително ќе биде закажано.

Притоа Џафери даде пауза од еден час и најави дека ќе почне 136-та седница на која треба да се расправа за разрешувањето на министерката за труд и социјала Рашела Мизрахи.

„Гласањето ќе се спроведе кога координаторите на пратеничките групи ќе го обезбедат потребното мнозинство“, рече Џафери.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски веднаш потоа побара Предлог-законот за ЈО да се стави на гласање за неговата партија, како што објасни, да не биде проблем во реформскиот пат на земјава. Мицевски посочи дека има доволен број пратеници во салата за да се гласа.

По барањето на Мицевски, Џафери уште еднаш повтори дека ја прекинува 135-та седница и дека продолжението ќе биде дополнително закажано.

Собранието продолжи со 136-та седница на која пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа да се тргнат од дневен ред разрешувањето на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи и предлог-измените на Законот за лични карти. Тие воедно се пожалија дека се силува Деловникот.

Покрај овие две точки, пред пратениците во рамки на 136-та седница се и Предлог-законот за неевидентирани лица во Матичната книга на родени, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка.

Претходно во текот на денот, Џафери најави дека Собранието ќе биде во постојано заседавање додека не се распушти и не бидат распишани изборите најавени за 12 април.