Гласаат болните, затворениците и лицата во изолација во вториот изборен круг на локалните избори

Државната изборна комисија информираше дека за вториот изборен круг ангажирала над 400 лица за техничка поддршка на избирачките места и за надминување на проблемите со употребата на апаратите за отпечаток од прст
Ден пред одржувањето на вториот круг за локалните избори, гласаат лицата во изолација, болните и немоќни лица, како и притворениците и затворениците.

Денешното гласањето на болните и немоќните ќе го спроведуваат избирачките одбори, додека за гласањето на лицата со ковид-19 и во изолација се формирани посебни избирачки одбори составени од медицински лица.

Утре, пак, во 7 часот почнува гласањето на избирачките места, кое ќе трае до 19 часот.

Кампањата за локалните избори 2021 заврши синоќа на полноќ кога почна изборниот молк, а ќе трае до затворањето на гласачките кутии в недела навечер.

Во 44 општини и во градот Скопје гласачите ќе може да гласаат за еден од двајца кандидати за градоначалник кои останаа во вториот изборен круг. Право на глас имаат 1 353 990 избирачи на 2 481 избирачко место.

Во 34 општини изборот на градоначалници заврши во првиот круг, а во две општини изборната постапка треба да се повтори поради тоа што во првиот круг, на 17 октомври, не беше иосполнет цензусот за излезност на најмалку една третина од запишаните избирачи. За овие две општини, претседателот на Собранието наскоро треба да распише нови избори.

Исто така, во две општини утре ќе има прегласување на по едно избирачко место, односно повторување на гласањето за избор на советници.

ДИК вчера го презеде доверливиот избирачки материјал за вториот круг од локалните избори. За седум дена се испечатени 1,6 милион ливчиња од доверливиот избирачки материјал што ДИК им го предаде на општинските изборни комисии во општините каде што в недела ќе има гласање.

За вториот круг, ДИК, како што соопштија оттаму, ангажира над 400 лица за техничка поддршка на избирачките места и за надминување на проблемите со употребата на апаратите за отпечаток од прст.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.