Гласачите ја казнија ЦДУ на изборите во Хамбург

25

Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел, според прелиминарните резултати, го забележа најлошиот резултат во историјата на локалните избори во Хамбург, а екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) го помина изборниот цензус.

На изборите во градот-држава победи партијата на левиот центар и коалициски партнер на ЦДУ во германската Влада, Социјалдемократската партија (СПД), а добар резултат постигна и партијата Зелени.

Според изборната комисија во Хамбург, СПД освои 39 проценти од гласовите, Зелените 24,2 отсто, Христијанско – демократската унија (ЦДУ) 11,2, партијата Левица 9,1, АфД 5,3 и Либерално демократската партија (ФДП) пет проценти од гласовите.

Актуелниот и најверојатно иден градоначалник-премиер на Хамбург, Питер Ченчер од СПД веќе најави разговори со Зелените за продолжување на коалицијата која е на власт во овој град-сојузна држава од 2015 година.

Причината за лошиот резултат на ЦДУ, според Би-Би-Си, е лидерската криза во партијата, откако наследничката на Ангела Меркел, Анегрет Крамп Каренбауер месецов ја најави нејзината оставка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.