ГЛАСАМ – ergo sum!

Падна Фејсбук, онаа секојдневна играчка на зависници како мене, и по реакциите од сите оние на кои наводно не им било гајле и кои со реченици се испокршија кој попрв да дообјасни колку не му било ич грижа што паднал, мора и да не станел ФБ само уште еднаш ја покажа нашата сериозна ментална состојба на дуализам. Го мразиме она со што сме постојано. Нејсе, само си викам, барем 50% вака грижа да покажевме за базичните постулати на Македонија, ќе бевме Швајцарија помоножена со два на балканите!

Ама ние сакаме да мразиме, исто како и оваа грутка, која секој од нас вика – НЕ ЈА БИВА, а од друга страна рипаме кога некој ќе ни оспори некаков идентитетски дел од она што сме… нам не ни требаат престедатели и градоначалници, нам ни треба конзилиум кој на дневна база ќе издава терапии, колективни терапии кои беспоговорно мора да се пијат додека не ни дојде умот на место. Ах, го пропуштивме тој рецепт, англичаните се воспитани во викторијанско време со ќотек, до своја 20-та година јадел секој ќотек и кога треба и кога не, и еве ги… а ќотекот знаеме од каде доаѓа?

ИЗБОРИ

Искрено, треба да си тежок случај да не знаеш за кого да гласаш. Приказните не чинеле овие, а оние претходните не постапиле у еден момент онака како баш ти си замислил дека треба и сега тераш инат? Какви космички будали држи земјава просто неверојатно, но тоа е само од една работа, ние појма немаме како функционира светот. Не, не, не, немојте прикаски со дијаспората, они отишле по леб и се спремни на секакви ментално-психолошки акробатики за да преживеат, но ние кои сме на свое, а глумиме како некој овде да не’ примил и покорно виткаме кичма до толку што во даден миг си го гледаме анусот, ма чуј гледаме, веќе и глава се пика во него.

Зошто бе никој, како секаде во свет, не направи проста споредба – како ти беше , како ти е сега? Настрана за кого навиваш, не е ова фудбал па го сакам Арсенал и ќе бидам и навивам со цело срце, иако тимот сега не е оравче од рука со машичка да му земеш.

Не ти беше добро – менувај!

Секаде во универзумот каде има барем привид на демократија најкласично гласачот бира – не сум задоволен од овие- АЈТ! Дај, други! Што  е факин проблемот? Страв? Те вработиле? Супер, алал да ти е, гледаш дека никој никого не смее да отпушти, освен чат-пат ради Пи-Ар. Кој може и како да дознае за кого си гласал? Па, бидете ко Итар Пејо – „да бе шефе за твоите гласав ама баш како што ти ми кажа, ма јас и цела фамилија!“. И како ќе те провери? Поминаа тие времиња. Вашите „кохоњес“ се веќе со големина на кокос само со чинот да гласате со своја памет.

Мојот став бил и останал, гласам макар неважечко ливче ама искачам на гласање, да не се будам препотен навечер дека некој пеземек го искористил моето ливче. Ако нема промена, нема ни еволуција, ни револуција – никој нема да ја направи ти подобро, само ти. Бевте храбри со падот на претходните, им дадовте потполна локална власт? И сега? Среќни сте? Задоволни? Подобро ви е?

Велите ама ако дојдат пак оние нема да сменат… Грешка си! Од онаа власт која ја срушивте не остана скоро ништо – така ако гласате за овие, продолжувате да цапате у калта како досега, вака, имате реална шанса да се направи исчекор, оти се појавија нови фаци, нови деца, нови дами, зошто бе да не им дадам шанса, а дадовте шанса на шарени фрлачи на кондоми во боја?

Што и фали на Италија каде ниедна влада и локална власт не може да се задржи повеќе од 2-3 години. Нека знаат политичарите дека не се вечни, ни они, ни нивните гавази, дека уште пред да седнат им се клати фотељата.

Ако ништо друго ќе гласам за лепота, конечно барем ако го гледам градоначалникот да не добивам коњуктивитис, да видам убава, средена стокмена дама, а таквите денес се на цена во секој поглед, време е жена да зачисти ова асталов умрсен од пијанки!

Автор: Јанко Илковски за НетПрес