Гласот за ВМРО-ДПМНЕ која ќе ја предводи здружената опозиција е глас за уривање на оваа Влада

Гласот даден за ВМРО-ДПМНЕ којашто ќе ја предводи здружената опозиција на претстојните локални избори ќе биде глас за уривање на актуелната власт, порача во четвртокот Александар Николоски, потпретседател на најголемата опозициска партија во текот на гостувањете во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија, и повика на обединување околу концептот против организираниот криминал и корупцијата.

„Клучното што треба да го направат политичките партии во Македонија е да се обединат од околу еден концепт на борба со организираниот криминал и корупција и промена на оваа корумпирана и неспособна власт. За тоа потребно е сите гласови да се на едно место. Да не заборавиме дека ова се мнозински избори, дека ова се избори со кои што со еден глас плус или минус се добива или се губи градоначалник и за тоа е потребно сите гласови да се на едно место. 100 гласови за една помала политичка партија можат да значат шанса за Зоран Заев. Затоа, гласот за здружената опозиција, гласот за ВМРО-ДПМНЕ кој што ќе ја предводи здружената опозиција е глас за рушење на оваа Влада“, реле Николоски

Додаде дека гласот за помали политички партии коишто би останале надвор од здружената опозиција е всушност глас за Зоран Заев.

„Природно е да имаме различни ставови за тоа сме различни политички партии но она што е клучно е дека имаме исти став, а тоа е дека Македонија треба да исчистена од криминал и од корупција и дека оваа власт која што кажав дека е неспособна и корумпирана мора да падне. Е, во тој дел потребно е да се обединиме со сите политички партии од опозицијата кои што припаѓаат условно кажана и на македонскиот и на албанскиот кампус, како и на помалите етнички заедници на Турците, на Србите, на Ромите, на Власите, на сите кои што сакаат да ни помогнат во оваа мисија“, појасни Николоски.