Глаук Коњуфца избран за претседател на новото Собрание на Косово

Пратеникот на партијата победничка на вонредните парламентарни избори во косово, Движењето Самоопределување (ВВ), Глаук Коњуфца е избран за претседател на новото косовско Собрание, на предлог на лидерот на неговата партија Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.

За изборот на Коњуфца за спикер на седмиот собраниски состав на Косово гласаа 75 од присутните 111 пратеници. Против гласаа 27 пратеници, додека шестмина беа воздржани.

За потпретседатели се избрани Арберие Нагавци од ВВ, Кујтим Шаља од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Мемли Красниќи од Демократската партија на Косово (ПДК), за кои гласаа 104 пратеници, еден беше против и тројца воздржани.

Покрај нив за потпретседатели беа избрани Славко Симиќ од Српската листа и Фикрим Дамка од партиите на другите немнозински етнички заедници во Косово. За нив гласаа 92 пратеника, двајца беа против и двајца воздржани. Според косовската легислатива, местата заменик претседател им се гарантираат и на претставниците на немнозинските етнички заедници, едно на српската и едно на останатите шест – Турците, Бошњаците, Ромите, Ашкалиите, Египќаните и Горанците. На двете овие заедници им се гарантираат по десет пратеници во 120-членото Собрание.

Првата седница на новиот собраниски состав заврши со кратко обраќање на новиот собраниски спикер Коњуфца, кој се заблагодари на изборот и посака успешна работа.

По ова се очекува косовскиот претседател Хашим Тачи да му го додели мандатот за формирање на идната влада на Курти, како лидер на партијата победничка на изборите.