Глобалниот раст во 2021/22 ќе биде силен, но вирусот останува најголем ризик

Светската економија би можела ова и следната година силно да расте, иако значително мнозинство на анкетираните економисти во истражувањето на агенцијата Reuters предупредува дека новите варијанти на коронавирусот претставуваат најголемиот ризик.

Ова глобално истражување е спроведено во јули меѓу речиси 500 економисти ширум светот.

Тие прогнозираат дека глобалното стопанство во текот на оваа 2021 година ќе порасне за 6 отсто, по најголемата стапка во последните речиси половина век. Но треба да се има предвид ниската база на споредба поради силниот економски пад минатата 2020 година. Потоа ќе следи сѐ уште силен 4,5-процентен раст во следната 2022 година, според процените.

Се проценува дека малку повеќе од половината од 48-те економии опфатени со анкетата во секој овогодишен квартал ќе растат по повисоки стапки отколку што претходно се очекуваше.

Меѓутоа, острото ширење на најновите верзии на коронавирусот се потсетник дека пандемијата не исчезнала, и покрај сѐ поголемата опфатеност на глобалната популација со вакцинацијата.

Учесниците во оваа анкета сметаат дека растот на инфлацијата во клучните светски економии би требало да биде минлив.