„Глупаво дете“, „Ништо од тебе не бива“… Вербалното насилство станува доминантно, последиците може да бидат и фатални

Секогаш кога чувствувате блокади или негативни емоции повлечете се, и наместо навреди и викање бидете искрени со децата. Кажете им: „Сега сум лут, ќе земам тајм аут”. Овој метод делува успешно и за возрасните и за децата. Избројте до десет, вдишете полека и длабоко потоа смирено разговарајте со детето. На овој начин покажувате позитивен пример на детето и начин како и самото дете треба да постапува кога е луто и незадоволно.

Билјана Малинова

Насилството е сериозен општествен проблем. Во последно време во јавноста често се зборува за врсничкото насилство во училиштата низ нашата земја.

Изминативе две години спроведени се истражувања во нашите основни и средни училишта каде доминантен вид на насилство е вербалното насилство, a веднаш по него е т.н. „Cyberbullying“ или онлајн насилство. Секој вид на насилство остава траума на детската душа, затоа е исклучително важно навремено да се препознае и реагира на вербалното насилство кое во денешно време зема се’ поголем замав. Кога зборуваме за насилство не секогаш се мисли само на физички телесни повреди.
Актуелните истражувања покажуваат дека вербалното насилство е едно од најчестите и доминантен вид насилство врз децата и истото може да биде еднакво деструктивно во емотивна смисла како и физичкото и сексуалното насилство. Вербалното насилство се случува меѓу врсниците и од страна на возрасните. Изложувањето на детето на негативни критики и понижување носи со себе подеднакво големи ризици од развивање депресија и анксиозност, како и било кој друг вид насилство. Опасно е кога се случува меѓу врсниците, но поголема е опасноста кога насилството го врши личност која би требало да биде авторитет, како што се родителите, наставниците, професорите или тренерите. Во вториов случај вербалното насилство од страна на возрасна личност со авторитет најчесто е замаскирано со еден вид метода на дисциплина.

Што се подразбира под вербално насилство

– Секаков вид на прозивање, омаловажување, пцовки и навреди како на пример: „Глупав/а си”, „Ти си најлошото дете што го познавам“…

– Закана за напуштање: „Посакувам никогаш да не се родеше”, „Требаше да те дадам на посвојување”…

Овој начин на комуникација создава чувство и мисла кај детето дека не е посакувано во семејството.

Закана со телесни повреди: „Само така продолжи и има да бидеш модар од тепање” – ваквата закана предизвикува страв и недоверба.

– Предизвикување чувство на вина: „Ти си причина што се караме со мајка/татко ти секој ден”, „ Да не морав да се грижам за тебе сега ќе уживав на некоја плажа”, „ Да не беше така несмасен, твојата сестра немаше да се повреди” – слушајќи вакви изјави детето мисли за себе дека е лоша личност која заслужува да биде несреќна.

– Употреба на сарказам: „Браво! Многу си паметен/а!” – децата не ја разбираат иронијата и сарказмот, напротив, пред ваквите изјави тие остануваат збунети на позитивната реакција на негативен исход, на пример ако истурат сок или направат некоја друга штета.

– Во училница се случува детето да биде исмеано пред цело одделение и да добива изјави од наставникот како на пример: „Не те бива за школо”, „Невоспитан”, „Права шупелка си” и сл.

Некои од симптомите дека детето доживува вербално насилство се следните:

– Негативната слика за себе е најчестиот присутен симптом на вербалното насилство и детето започнува да зборува за себе „глупа/в сум” или „никој не ме сака”.

Се повлекува во себе – детето чувствува дека не е доволно добро за родителите, наставниците и останатите личности во опкружувањето.

Се самоповредува – гребење, сечење, штипење како и сите останати облици на самоповредување укажуваат на тоа дека детето се соочува со проблем кој не умее сам да го реши.

– Покажува агресија – Децата кои се изложени на вербално насилство можат својот револт и сила да ја искажуваат со удирање други деца, влегуваат во секојдневни конфликти како и злоставување на животни.

– Имаат бавен развој – бавноста може да се појави во физички, социјален и когнитивен или емоционален развој на детето. Може да покажува потешкотии во создавање на нови познанства, да заостанува во учење, истотака може да се појават и регресивни знаци како што се лулање на телото, ставање на палецот во уста или мокрење во кревет.

Кога сте незадоволни или под стрес, воздржувајте се од давање коментари на детето. Тоа што секој од нас може да го направи на свесно ниво, во моменти на стрес и лутина е да се воздржи од тоа да дава изјави или да употребува сарказам во комуникација со децата. Никогаш не заборавајте дека токму ние возрасните сме пример на идентификација на детето.

Секогаш кога чувствувате блокади или негативни емоции повлечете се, и наместо навреди и викање секогаш бидете искрени со децата. Кажете им: „Сега сум лут, ќе земам тајм аут”. Овој метод делува успешно и за возрасните и за децата. Избројте до десет, вдишете полека и длабоко потоа смирено разговарајте со детето. На овој начин покажувате позитивен пример на детето и начин како и самото дете треба да постапува кога е луто и незадоволно.

Со експлозивните емоции, навредливите зборови и повишувањето на тонот на децата, покажувате дека тие немаат право на глас, дека не можат да се изборат за себе и на тој начин од нив правите потенцијални злоставувачи, ширејќи го кругот на насилство.

Автор: Билјана Малинова, дипломиран педагог, ОЛИ советник психотерапевт во супервизија, за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.