Гневните Јапонки не сакаат да носат високи потпетици на работа

Речиси 19.000 луѓе ширум Јапонија ја потпишале петицијата со која бараат да се укинат правилата за облекување на жените, според кои на работното место треба да дојдат во обувки со високи потпетици.

Петицијата ја покрена Јуми Ишикава, којашто тврди дека во компанијата во којашто била вработена во текот на работното време морала да носи високи потпетици. Нејзините твитови станале вирални, а ги споделиле повеќе од 30.000 корисници на оваа мрежа за микроблогирање.

Во прилогот на британски BBC се потсетува дека во 2015 година жителка на Лондон, вработена на рецепција, претпоставените ја вратиле дома бидејќи одбила да носи „штикли“ на работното место.

Во Јапонија по истиот повод се води кампањата со хаштагот #KuToo. Називот настанал со комбинација од јапонскиот збор „кутсу“ што значи обувки и „кутсуу“ што значи болка. Мотото на кампањата е делумно поврзано и со движењето „MeToo“, пренесува јапонската службена новинска агенција Kyodo.

Учесниците во кампањата велат дека во Јапонија високите потпетици се сметаат за задолжителен аутфит, особено кога девојка се јавува на конкурс за првото работно место.

„Се надевам дека оваа кампања ќе ги промени општествените норми и дека жените нема да бидат сметани за непристојни доколку на работа дојдат во обувки со рамни ѓонови, како и нивните колеги“, рекла Ишикава која се занимава и со актерство.

Јапонската кампања чијашто цел е да се покренат промени кога станува збор за облекувањето на жените, не е новина. Британската актерка Никола Торп, побара промени на прописите за облекување во Велика Британија откако од неа во 2016 година во една финансиска компанија барале на работното место да носи чевли со високи потпетици. Тогаш добила привремена работа и одбила да ги почитува корпоративните правила за облекување. По написот во медиумите, компанијата ги промени правилата за облекување на жените.

Канадската покраина Британска Колумбија во 2017 година го укина правилото според коешто жените на работното место мора да доаѓаат во обувки со високи потпетици, со објаснување дека притоа се во опасност од физички повреди.