Го донесоа ли „Балканските вештерки“ Ѓерг Дедај во Македонија?

Контроверзното лице на косовската политичка сцена, Ѓерг Дедај, бившиот заменик-министер за надворешни работи и официјално е новиот амбасадор на Косово во Македонија, по предавањето на акредитивните писма на претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Дедај, во август годинава, беше именуван од страна на косовскиот претседател Хашим Тачи за амбасадор во земјава, а тој декретот го сподели на фејсбук, заблагодарувајќи му се на Тачи за укажаната доверба.

Пред да биде именуван за амбасадор во Македонија, Дедај покрена лавина реакции во косовската јавност, по скандалозниот статус, кој го објави на својот фејсбук-профил, во кој вели дека Турција и Србија се „Балкански вештерки“.

Преку своите емисари, балканските вештерки Турција и Србија имаат намера стратешки да се вратат на Косово, напиша Гегај.

Статусот предизвика огромен бес, особено кај турската заедница на Косово. Политичката партија на Турците, која е коалициски партнер во Владата предводена од премиерот Рамуш Харадинај, веднаш побара разрешување на Дедај од позицијата заменик-министер за надворешни работи на Косово. Покрај тоа што не се извини, ваквото барање не го сопре Дедај „да се доискаже“.

Да повторам: Турција и Србија, цели шест векови, беа најмоќните владетели и варварските окупатори на албанскиот народ! Тие вршеа злосторства и геноциди во овие области. Турците и косовските Срби не треба да се гордеат со тој период, туку треба да се дистанцираат од тоа време и од варварските злосторства”, дополни Дедај.

Премиерот Харадинај веднаш се огради од тврдењата на Ѓерг Дедај, велејќи дека тоа не се ставови на косовските власти.

Изјавите кои содржат навредлив јазик против Република Турција, се неприфатливи и не ја претставуваат официјалната политика на Владата предводена од мене, дури ни кога тоа го изјавува функционер од власта, напиша Харадинај.

Критики за статусот на Дедај пристигнаа и од страна на претседателот Хашим Тачи, а сега се поставува прашањето дали заменик-министерот за надворешни работи како „казна“ за ваквите ставови е именуван за амбасадор во Македонија.

По најавата, од август годинава, дека Хашим Тачи ќе го постави Дедај за амбасадор во земјава, веднаш реагираше и Партијата за Движење на Турците во Македонија. Оттаму повикаа, лицето кое дало крајно фашистички изјави кон турскиот народ, да не биде именувано за амбасадор и апелираа министерот Никола Димитров и претседателот Ѓорѓе Иванов да сторат се што е во нивна надлежност да не дозволат Дедај да биде именуван.

Партијата за движење на Турците во Македонија како и целата турска јавност во Република Македонија, но и пошироко, со голема доза на разочараност и огорченост ја примивме веста дека новиот амбасадор на Република Косово во Република Македонија ќе биде токму лицето Ѓерѓ Дедај, кој претходно додека ја вршеше функцијата заменик министер во повеќе наврати даде скандалозни, навредливи, крајно фашистички изјави кон турскиот народ.Категорични сме дека човек кој има ваков фашизоиден и примитивен ментален склоп во ниту еден случај не смее да биде амбасадор во нашата земја која во сите сегменти максимално се труди да ја негува и промовира мултиетничноста како една голема придобивка за целото општество. Сигурни сме дека прифаќањето на дотичната личност како амбасадор во Македонија ќе резултира негативно врз мултиетничките релации во нашава земја и регионот, но и ќе влијае негативно и кон пријателството со Турција се вели во соопштението од ТХП.

Не стивнуваа и реакциите од домашната албанска јавност. Голем број аналитичари истакнаа дека именувањето на Дедај претставува казна за Албанците во Македонија и голема навреда од страна на официјална Приштина.

На адреса на Ѓерг Дедај пристигнуваа и голем број критики од муслимански теолози, поради негови контроверзни изјави за исламот. Дедај важи за ултра-католик, близок човек на Албанската католичка црква, кој гаи блиски односи и со официјален Ватикан.

Ѓерг Дедај е роден на 23 април, 1954 година во Ѓаковица. Дипломирал на Универзитот во Приштина, каде е и професор на катедрата за филозофија и социологија. Како политичар, во одредени периоди од својата кариера ја извршувал функцијата пратеник во косовското Собрание, каде бил и заменик-претседател. Во извршната власт, до неодамна, ја вршеше и функцијата заменик-министер за надворешни работи на земјата. Претседател е на Либералната партија на Косово, а воедно е и потпретседател на Либералната интернационала (АЛДЕ).

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.