Го фатиле со дрога, но ја голтнал, па починал

Вчеравечер животот си го одзеде 32-годинишниот Д.А. од Злетово, откако по претрес на граничниот премин Делчево, цариниците му пронашле прашкаста материја, која тој успеал да ја голтне. И покрај напорите на медицинскиот тим, материјата била фатална по неговиот живот.

„На 14.12.2018 година во 19,15 часот на Граничен премин Делчево на влез во Република Македонија, со патничко моторно возило „Мини купер “ со бугарска национална ознака се пријавил Д.А.(32) од Злетово, кој го управувал возилото, а како совозач било 18 годишно лице од Пробиштип. Извршен е преглед над лицата и на нивниот личен багаж, при што кај Д.А., била пронајденa кесичка со непозната прашкаста материја. Додека траела постапката спроведена од страна на царинските службеници во еден момент Д.А. ја земал кесата ја скинал најлонската фолија и непознатата материја ја голтнал. Веднаш била повикана екипа на Итна медицинска помош и Д.А. бил префрлен во Здравствен дом Делчево, каде околу 22,00 часот починал. Известен е јавен обвинител по чија наредба телото е предадено за обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.