Го избркале од работа зашто објавил на Фејсбук дека директорите имале коронавирус, а криеле

Поради фејсбук-статус во март, во кој укажал дека дел од директорите во ЈП „Македонски шуми“ биле заразени со ковид-19 и дека тоа го криеле од своите вработени со што го довеле во опасност здравјето на останатите колеги, агрономот Кирче Михаилов е оставен на улица, јави Алфа.

Михаилов вели дека е жртва на политички реваншизам, зошто од директор на подружница, по брза постапка станал чувар на рампа, па добил решение за суспензија, а неодамна и отказно решение од работното место самостоен референт за расадничко производство.

– Јас сум една од низата жртви што се најдоа на улица без корка леб, само затоа што сум неистомисленик со оваа власт. Ова е класичен пример за тоа како не треба…Во оваа држава дојде животот дури и за магарињата, меѓутоа нема живот за Македонецот. Јас бев вработен во „Македонски шуми“ во Струмица, бев префрлен во Радовиш и оттаму го добив Решението за престанок на мојот работен однос – раскажува револтирано Михаилов.

Според него, апсурдот да биде поголем, по само два дена од неговата фб-објава, се потврдило дека наводите во неа биле точни.