Го јадевме стапот во 2018 – фала ти Господи, заслужено

Што поминав, што помиваме и зошто? Појма немам, важно преживеав.

Измина најконтроверзната година во историјата на оваа земја, која секој ја доживеа премногу лично и емотивно, а се тоа некако и делуваше на нас интимно. Годината што доаѓа ќе биде уште поинтересна, а периодот во кој сега се наоѓаме е со дијагноза АПАТИЈА

Лично

Фала му на Господ за 2018, ја преживеав, во релативно добро здравје, борејќи се за крпење на домашните буџетски дупки кои ќе зјаат со години, но тоа е веќе општонароден флоклор, оро во кое сите климаво цупкаме.

Она што го научив како дополнителна и не баш нова лекција е спектакуларната дволичност на некои луѓе и нивната малициозност, лична и професионална. Верувам дека Тој не дига раце од мене штом ми дава олку силни и длабоки спознанија и отворање на очите на години кога на човек би требало се да му е јасно. Ма чуј, јасно ми е само дека изненадувањата се спектакуларно неочекувани кога за длабокиот лик кој ти се фолирал толку време сознаваш дека Е навистина длабок, но полн како септичка јама. Секако со овие сознанија се прочистува видикот, околината и окружувањето, а тоа пак злато вреди, нели, да не губиш непотребно време на лажни пријатели, соработници, релации, проекти. Кризата е лоша, но доброто кај неа е оти прочистува од лажни вредности. Затоа фала за 2018 и никогаш да не се повтори, какви успони и падови кои вредат филм и книга, за секој од нас со личните и општествените трауми.

За земјата

Едно ме учеа истите тие кои сега викаат АПОКАЛИПСА, за се’ што ќе се случи потребна е историска дистанца за да се увидат реалните последици и влијанија на политичките делувања и одлуки. Ние имаме крајни ставови од двете страни за исти работи – едни ќе не’ биде – други не, просто нема сива зона, а се помеѓу е жигосано и прогонувано како предавничко, оти не зазело страна.

Оној, кој победил, тешко дека ќе се преиспита, но тој што загубил, мора да се повлече, превие рани, преброи, обзервира состојба и соодветно на тоа донесе одлука дали и како ќе делува. Ова се лекции од историја, не од анализи на анални аналитичари и полтичари. Можеби некој смета дека треба да се јуриша, но некој смета дека попаметно е да се тактизира, како и да е, со емоции не можат да се влечат правилни потези, големите стратези секогаш се со ладна глава, чуј ладна, ма на минус 25. Таквите однесуваат конечна победа.

За емисијата

Многумина лани беа некако разочарнаи зошто не канам аналитичари – професори фаци кои се бават со анализа на политичката состојбата кај нас. Да, малку ги имав кај мене во емисија, ама тие што беа имаа гостувања кои беа суво злато вредни без оглед на ставовите и страната која ја застапуваа. И сите беа почестени да гостуваат што отворено ми го рекоа и тоа искрен и под две децении емисија Јади Бурек ми импонира. Искрено им благодарам за тоа. Не дека не сакав да викнам и други, ги канев многумина, и замолував, и упорен бев, но морам и ова да ви го кажам. Многу од тие ваши омилени „какалитичари“ кои го кажуваат она што ви гали уфцето ваше мило, го кажува така намерно за да одговара на медиумот на кој гостува, а не дека навистина така мисли. Тие не дојдоа кај мене само затоа што не можам да ги платам. Имено, нивните настапи кои ги гледате и коментирате они си ги наплаќаат или директно од медиумот или од партијата 100 до 300 евра, зависно од партија и медиум. Не им замерувам ним, нивно право и тоа е ОК. Проблем сте вие на кои ви треба некој ТВ евангелиста да ви кажува што и како и тоа го прави, не затоа што го мисли туку оти е платен за тоа, а вие се палите – и бањати и небањати. Како и да е мило ми е што и покрај се’, емисијата и натаму е ултра популарна иако не е ликвидна и не комерцијална, оти многумина искрено се плашат да се рекламираат, страв им е, ништо друго. Морам да бидам искрен, како никогаш во мојата кариера, оваа 2018 ќе ја паметам по слободата која ми беше дадена за мое изразување, да правам онака како јас сакам и мислам без никакви простисоци. Во некои поранешни телевизии притисокот знаеше да биде и политички и од матерјална корист кои други ја правеле преку мене, но сега го немам тоа и јас се чувствувам комонтно како ретко кога.

Истото ми се случува и овде, на НЕТПРЕС, ама никаква рамка ниту уредувачка политика не ми е тутната под нос, договорт беше – пишувај за што сакаш и така остана, јас, лично таквите работи ги ценам, ми значат затоа што работам на импулс, со импровизации, хаотично и површно, но во таа моја супа, ако нема маша од надвор, очигледно излегува некаков продукт кој е интересен за многумина, нејсе.

Ова се моите поуки од 2018 – се надевам дека се’ што беше ОК ќе биде и натаму, но Панта Реи, ништо човечко не ме изненадува и утре работите можат да се сменат со секого и со се’, затоа очекувај го неочекуваното и повторувајте ја онаа монашката од Света Гора – Држи го умот во пеколот и не очајувај!

Автор: Јанко Илковски за НетПрес