Годин најави заминување од Атлетико

Капитенот на шпанскиот фудбалски прволигаш Атлетико Мадрид, 33-годишниот Уругваец Диего Годин објави пред новинарите дека го напушта клубот по завршувањето на сезоната кога му истекува договорот.

„Малку сум нервозен, повеќе отколку пред натпревар. Но ве повикав овде да ви кажам дека ова ќе бидат моите последни денови во Атлетико Мадрид“, изјави во понеделникот на прес-конференцијата уругвајскиот бек.

Годин во Атлетико, за кој одигра 387 натпревари во кои постигна 27 голови, дојде од Виљареал во 2010 година. Со Атлетико во 2014 година ја освои титулата првак на Шпанија. Покрај оваа титула, ја освои двапати и Лигата Европа, еден Куп на кралот, еден шпански Суперкуп и три Суперкупа на УЕФА, а и двапати во 2014 и 2016 година играше во финалето на Лигата на шампионите и двапати беше поразен од градскиот ривал Реал.

Иако Годин не откри каде има намера да ја продолжи играчката кариеара, шпанските медиуми пишуваат дека веќе е договорено неговото преминување во редовите на милански Интер.