Годинава уште најмалку четири авиолинии кон европски дестинации

Владата во 2016 година планира да воведе уште најмалку четири евтини авиолинии од Скопје кон европските дестинации, најави денеска премиерот Никола Груевски.

– Минатата година се отворија нови шест евтини авиолинии, а оваа година од март ќе се отворат нови три линии, а во мај уште една преку Џет ерлајнс,  изјави премиерот Груевски  одговарајќи на новинарско прашање по поставувањето камен темелник за првата детска градинка во Горно Лисиче лоцирана во дворот на ОУ „Гоце Делчев“.

Тој прецизира дека во март ќе се отворат евтини авио линии кон Копенхаген, Братислава и Берлин, а во мај кон Прага.

– Заедно со сегашаните 30 евтини авиолинии веќе од мај ќе има 34 директни линии од Македонија кон кон дестинации во или надвор од Европа, рече Груевски.

Потенцира дека се работи на изнаоѓање нови дестинациии, се преземаат одредени активности и додаде дека постои голема веројатност кон крајот на годинава да има и нови дестинации кон кои ќе се лета од скопскиот аеродром.

– Секоја година има зоголемување на бројот на евтини авиолинии. Минатата година имавме шест, а оваа година ќе имаме најмалку четири. Работите одат во добар правец и не е случајно што минатата година се превезени најголем број патници од македонските аеродроми, над еден и пол милиони патници, што е историски рекорд за Република Македонија. За тоа придонесе и бројот на летови и бројот на туристи, но и ниските цени на летовите кои ги обезбедивме со ниско буџетните авио компании, рече Груевски.

Тоа, како што кажа, им овозможи на многу граѓани кои немат висок стандард и огромни приходи да посетат некои од европските дестинации.

Во 2005 година се летало  кон само 15 дестинации, а сега со новите четири  ќе има вкупно 34. Ако во 2005 година имало 500.000 патници, сега има трипати повеќе односно 1,5 милиони патници.