Години на „диво возење“ низ политиката: новите македонски камикази

1274

„Да не бев политичар ќе бев пилот“. Ќе изјави портпаролот на владеачката партија. Инаку да ти бил политичар. Кој би рекол. И се доживува како политичар. Еден од многуте што ќе ги заборавиме по некоја година, како многумина претходно. Вообичаено ваквите ликови не се ништо друго до гастарбајтери во политиката. Премногу млад е да разбере дека е еден од оние поединци што влезот во политиката го обезбедуваат преку мнозинските изборни листи. А, не поради своите постигнувања во политиката.

За жал нашиот изборен систем е расадник на безлични луѓе како „пилотов“. Луѓе без лични ставови, лични постигнувања, лични биографии, лични вредности. Кај нас партијата е се’. Таа е како плацента која го обвиткува ембрионот и го храни и одржува во живот. А, го промовира во политичар врз основа на свесно прифатеното подаништво, низок степен на самопочит и потчинетост на лидерот и партијата. И, тогаш сфаќате дека политиката во Македонија се претвора од уметност на можното, во уметност на семожното. Дека секој може да биде се низ политиката. Затоа нема потреба да се фрустрираме за тоа каде стигнавме во сиве години квази демократски развој. Со вакви „пилоти“ камикази во политиката, никаде.

„Пилотов“ политичар е само клониран тип на новите „ајвар“ политичари кои ги промовира оваа власт, во последниве години. Без „витамини“ и национално обезличени. Кои се обидоа да ни се промовираат како модел за чесност (при аболиција), успешност (иако наградите ги добиваат како на „селски пазар“), храброст (без независнен правосуден систем), полиглотство (каде само тие разбираат што сакале да кажат), „секс симбол“ (како Том Круз) и икони за обожување. Кога следбениците на власта „тропаат глупости“, барем тоа го прават со ентузијазам.  И после оди не биди циник.

Инаку, видовме колку ваквите „ајвар“ политичари од власта имаа сериозен однос кон електоратот. Истиот оној од кој загубија на изборите во 2016. Игнорирајќи го, како никогаш досега, донесоа драстични одлуки што ги допираат македонските национални интереси и судбината на земјата, на толку примитивен и брутален начин. Со тоа нанесоа загрижувачки удари врз здравјето на демократијата во Македонија. Од кои треба да бараме лек на  изборите во април.

Очекувано е изборите во април да бидат барометар за перформансите на досегашните погубни политики за државата и на оние што треба да ги анулираат, или во најмала рака да ги амортизираат штетните последиции од истите. Изборите треба да ја деконтаминираат државата од радиоактивниот материјал на политичките одлуки на власта за името и  историјата на Македонија.

Опозицијата не смее да дозволи „синдромот на демократски замор“, толку посакуван од власта, да го поткпопа демократскиот процес на изборите. Не смее да се дозволи масата на граѓани да бидат пасивизирани, одговарајќи само на сигналите што им се дадени од партиите. Новата технологија им дава глас на граѓаните, а природата на оваа нова политичка вклученост прави изборниот систем да се тресе од јачината на тој глас. А ќе се затресе сериозно доколку опозицијата ја обнови довербата во демократијата, а низ изборите во април ја направи возможна.

Видовме каде не одведоа некомпетентни „ајвар“ политичари водени од широк спектар на стимуланси, како што се големината на нивните плати, непарични додатоци (автомобил, секретар, домување, патни трошоци и сл.) и бизнис интереси. Како одговор на ова изборите мора да понудат нови луѓе за функции со компетентност и интегритет, со цел да го менаџираат механизмот на владеење, фиксиран со уставот на државата. Конечно некој мора во политиката да праша за биографии, за лични ставови, за лично достоинство на идните кандидати за функции. За да не бидат и овие избори панаџур на суети и промашени луѓе во политиката. Како овој „пилотов“. И многу такви како него. Цели ескадрили на политички камикази.

За жал и на овие избори повторно ќе ги гледаме и слушаме препораките на западните донатори, кои демократијата кај нас ја сведоа на еден вид извозен производ, убаво спакуван и подготвен за извоз. Време е слободните и фер избори да престанат да бидат Икеа комплет за демократија за надвор. Зашто тие се производ за внатре. Кој ќе ја ажурира нашата демократска технологија и ќе го репарира системот. Кој во моментов  е сериозно нефункционален.

По години на „диво возење“ низ политичката бура на оваа власт, време е да знаеме за насоката на политиката на државата во 2020 година и пошироко. Зашто досегашната политичка бура и штетата што ја предизвика ни ја исцрпи душата и ни го кородира духот.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.