Години на опасно живеење

1159

Единствен интересен одговор се оние кои го уништуваат прашањето – Сузан Сонтаг

Рандом случки на што се е изложен обичниот граѓанин секојдневно и каде секогаш е незаштитен и потенцијално виновен.

Живеам во строг центар, на улица која пред дваесет години едвај дали и имаше асфалт (карикирам) но денес, откако започна градежната хистерија во градот не го заобиколи ни моето маало. Една трафо, три згради, се друго беа куќи, денес останаа само три куќи, се друго се згради. Иако зградите се 99% станбени, живеат луѓе, некому му текнало, дека на влезот и во клиничкиот центар, веднаш до Министерството за Здраство е добро место за бизнис. Па, се отворија, дискотека која глуми дека е ресторан „ДВА“, диско-концертна сала „Сaтница 62“, „Тајна ќуќа“, „Дволична“ бирцуз-кафана, најкласична. Иако има и куп бурeкџилници и ситни дучанчиња наоколу, сите други до вечерта затвораат како што замира клиничкиот, но тогаш почнуваат журките.

Да не глумам невинашче, јас сум бил Ди Џеј во МНТ диското, сум дигал пола град на нозе со забавите, дури и сум бил уапсен и приведен од диско среде забава оти сум „пуштал гласно“. Но, секогаш местата каде „буфтавме“ до ниедно време не беше во станбен кварт, не дај Боже болница. И така, навечер, на 30 метри од министерството, 50 м од капелата каде се почнинатите, 100 м од максилофацијална, луди ноќни забави секако само за џет-сет.

Мојот двор често бил некакава „земја на чудата“ на разни „урокани“ Алиси, алкохолизирани и „супстанцирани“ и се’ до тука, верувале или не, не ми смета, навистина. Ставив висока ограда, иако не го реши проблемот, но освен повраќаници, искршени шишиња и некој онесвестен не сум пријавувал и не ми сметало лупањето на сабвуферот до 5-6 сабајле. Тоа е, добиле дозвола, си таераат, шо има да мислат дали има мир? Си платиле, а кај нас искешираш ли, добиеш дозвола, можеш у на глава да им мочаш – никому ништо… секако, никој од комшиите и не се буни, си ќутат ко пусиња, зошто јас да се бунам? Се надевам дека ќе продадам ако не ми чини и џада од оваа безаконска кланица на умот и телото кој преку ден е калакурница од автомобили и најредовни калабалаци од коли со сосе пајак служби, а навечер, зависно од проминиенцијата- новокомпонована или модерна забава за окотите на политичките моќници. Додуша проретчија, не дека ги нема, но навистина далдисаа периодов со коронава но … пишанкава е за сосема друго …

Денес, откако „сухава прекуемерна“ лепота ја развозив на велосипед, пред куќа, денски, пладне, кога е релативно поспокојно –  луѓе, полиција … го гледам мојот сосед како гневен бик, задишан, двајца полицајци мирно занесeни пишуваа, традиционално, на хаубата од колата, а од другата страна едно „замаглено“ суштество кое испушта неартикулирани звуци. На кратко, детето се симнало во влезот од зградата, налетало на сцена каде створ, со соблчени панталони се боде во (аорта?) во нога. Детето мало, се шокирало, спискува, родителот и брат му се стрчуваат доле, детето вришти во шок од глетката и настанува хаос. Го бркаат овој бега, го фаќаат  на улица, при брканицата едниот од браќата си ја повредува главата … Додека се обидувам да го смирам соседот,  кој беше во таков афект заради  детето оти му вриштеше, се воздржуваше да не му рипне на џанакот. Го молев да се смири и да не се обидува ни да го пипне. Ме гледаше попреку кога му  реков дека не смее ни да го допре оти он ќе лежи со пресуда. Нејсе, после пола саат, записници и куропецања, полицијата ни рече ништо не му можеме и откако се консултираше со своите претпоставени… го пушти… толку. Му реков класично комшиски – виде? Нели ти реков? Веќе се собраа куп соседи и почнаа да евоцираат страшни случки, манјаци, кражби, обивања, напади десетина само последнава година  … интересно комшии им реков … Прв пат гледам повеќето од вас, се доселивте и нормално ве заболе што се случува во вашата околина, со години журки и лупања и си ќутите. Сега најдовте да им се жалите на обичните полицајци? Лани двете дискотеки во исто време правеа забави, памтите?  Како не, не можевме да спиеме до 7 сабајле…

Е па десетина „деца“, се бркаа, пиеја, дуваа, шмркаа и тепаа и влегоа во мојот двор, ме разбудија во 5. Излегов и им довикнав да излезат, додека мочаа, се тепаа меѓу себе, фрлаа наколу, кршеа … (беше зима, прилично ладно). Тоа ги обедини да ми се „с’снат“ мене оти „кој си бе ти да ни викаш!!! Ќе те убијам!!“… (ах, сеќавања од шарената, нејсе)… Силно интоксицирани се направија лом и малку по малку излегоа да продолжат тепачката на друга страна…вВо меѓувреме викнав полиција.

Каква грешка …

Дојдоа. Улицата полна со агресивни  пијани и штотијазнам каква се состојба не беа посетителите на културните настани. Полицијата ме извади од дома, ми се јавија и тука на студот, недела наутро во 4-5, стоеше со мене 45 минути барајќи ми лична карта, извод , гинеколошпки наод, брис од анус, пцр тест, возачка, пасош со детално книжевно објаснување зошто и како сум се јавил во полициска  (и тоа, кога се јавувате на бројот на МВР, ви викаат јавете се во станица!?!? Одувек било така , не знам зошто ама тоа е) Јас не сум ни престар ама далеку од млад, им викам, „абе ги слушате ли ене ги онде, кршат, се тепаат, зошто стоите со мене, зошто не интервенирате…?“.

Мораме, таква е процедурата! Нејсе, премзрзнав уште пола саат, се спакуваа, поминаа покрај искршените возила и шишиња и си заминаа… во меѓувреме, со пола уста процедија не смеат да припарат, таму имало „ках ках“ деца на функционери… е де, знаеме дека се заштитени мечки ама имаме поравала на туѓ имот, закана насилство, кршење… Ама како да ви кажам јас си ја делам судбината на моите соседи, само го „окркав“ стапот со процедури тоа ладно утро таа година каде после тоа имав сериозни здрвствени проблеми цел месец, нејсе.

Секогаш кога има вакви лумперајки, никој од соседите не пријавува, никој не се буни се додека не го тангира лично. Ја будала … Знам дека и еден од нас да проба да се самоодбрани, од интоскициран, од напад на куче, од било каква закана, сите знаеме дека едвај чекаат партиските енџиоа да не разапнат. Полицајците сами признаваат, неформално и неофицијално, дека дури и да видат куче како напаѓа, рацете им се врзани, не смеат да реагираат но и самите се свесни дека, нам, луѓето ни доаѓа преку глава и дека еден ден народот ќе почне да се брани.

Е тогаш, ако се обидеме да се одбраниме, иако сме жртви – тогаш, тешко нас! Дури тогаш ќе почувствуваме сета сила на законот на ЕУ – од пендрек до часови давање изјава – не знаеш што е пострашно… барем интервенцијата кратко трае … другово ко вадење заб на долго.

И така, си направив локална емисија во живо на соседите кои се разотидоа, полицијата си се врати, џаначето си продолжи , како ништо да не се случило… вечерта журка имаше у ”локалитетот”, нема маски, нема дистанца се тријат едни содруги како во автобус во јапонско порно. Ама да пријавам?!? Да се мрцварам до ниедно време!?!?! Јас навистина немам ни здравје ни сила. Како што гледам ни моите соседи.

До кога? Додека не им препукне, е тогаш ќе видат што е полиција сила и закон, дотогаш сите се заштитени освен ние … оти не научивме демократски да не касаат кучиња, напаѓаат деликвенти, ни прават проблеми и не вадат од памет разни корисници … ех … а да… ми ја обија колата… си сменив стакло и не пријавив, кој ќе се мрцвари и докажува цел ден, денови со бирократија… не ги обвинувам, така работат, така мораат, такви се насоките, законите … и јас станав како соседите и веќе не се бунам, оти кога се бунев немав никаква подршка тогаш, а камо ли денес, но барем денес му дадов човечка подршка на комшијата да го смирам да не си направи поголема беља. Единствено ме теши човечкиот однос на полицајците кои сочувствуваат и знаат како ни е.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.